|

Апсурдот на скопскиот аквадукт

Fb статус на Никица Корубин

“Со владина одлука, на предлог од Управата за заштита на културното наследство и мислењето на Националниот совет за културно наследство, скопскиот Аквадукт е прогласен објект од особено значење, поткатегорија исклучително значење. Конечно позитивна вест ако се знае дека елаборатот за ревалоризација на споменикот со години беше блокиран во надлежните институции.”

Оваа вест е стара помалку од две години, 21.04.2021. Навидум добра вест за “грижа за културното наследство” и за “зголемување на степенот на заштита, од “големо” во “исклучително” значење. Што во превод не значи, “помала или поголема” заштита, туку различна надлежност и статус; односно како државата го препознава конкретното добро: како културно наследство од национално речиси локално значење (значи помало значење), или универзално, (значи највисоко значење).

Скопскиот Аквадукт до тогаш беше со “помалото” значење или она што законот го предвидува како “големо значење”. Тоа по автоматизам значи дека, согласно истиот закон, тој беше под надлежност на локалната установа за заштита, Конзерваторски центар Скопје. Со промената на статусот, односно одлуката на владата да добие “исклучително значење” надлежноста исто така би требало да помине во надлежност на друга институција, Националниот конзерваторски центар, која според Законот за заштита на културното наследство, член 146, став 3:

“Националниот конзерваторски центар врши стручни работи на заштита за недвижно културно наследство од исклучително значење.”

Но, дали во случајов на Аквадуктот, навистина “врши стручни работи” тој или не? Се чини дека не. И, ако Националниот конзерваторски центар не врши стручни работи на заштита на Аквадуктот, за кој според одлуката на Владата е надлежен, кој всушност врши? Па, врши инстититуцијата која и до тогаш беше надлежна, Конзерваторскиот центар, Скопје каде што целиот проект и Елаборат “беше блокиран со години” како што вели статијата од почетокот на текстот. Но, има еден “мал” проблем. Таа институција, ако го следиме “словото на законот” не е повеќе надлежна за заштита (конзервација и реставрација) на Аквадуктот. Затоа, што Аквадуктот повеќе нема “големо”, туку “исклучително” значење, што значи дека за него не може да биде надлежна локална, туку само национална институција.

Чуму тогаш владата воопшто го прогласуваше Аквадуктот за споменик од “исклучително значење” кога фактичката и физичка надлежност, спротивно на закон, остана кај истата институција? За ПР? За пропаганда? За “наводна грижа”? Ја пренесе ли надлежноста во меѓувреме Националниот конзерваторски центар на својот “подреден” Конзерваторски центар, Скопје или Аквадуктот го “изгуби” мистериозно својот статус на “исклучително” значење? Или, најлошата опција се прекршува ли Законот за заштита на културното наследство, со постапување на ненадлежна институција? Закон, кој патем речено одамна требаше да биде заменет со нов.

Многумина ќе речат, важно се работи. И се работи, ама како? Аквадуктот е се’ уште потонат во ѓубре, на сред општ хаос, без никаква заштита на “заштитата”, со нејасна надлежност, уште понејасна намера за промена на неговиот статус на хартија, како случаен “ад хок” проект на заштита на културно наследство, кое севкупно тоне во деградација, хаос и пропаст.

Блиску е до центарот на Скопје. Со прекрасен поглед кон Скопска Црна Гора и отворен кон археолошкиот локалитет Скупи. Кој што, кој знае уште колку време ќе остане археолошки локалитет, пред да го претворат во насилна градежна зона. Ќе ја почувствувате целата деструктивност на примитивниот ум на незнаењето, на отсуството на свест што е тоа културно наследство и како (не) треба да се грижиме за него. А, и целата иронија на вратоломиите и игрите со зборови, на наводна заштита на она кон кое секојдневно се покажува флагрантна, запрепастувачка негрижа. Важно, “идентитетот се (од)брани”. Декларативно, се разбира, како и се’ друго.

Слични Објави