ДАЛИ КАТИЦА „ЧЕ СИ ЛЕЖИ“ ЗАРАДИ ТРОСЕДОТ ОД 5 БОНА?

Првото нешто што ми доаѓа на памет, е дека нема да лежи. Па зарем е хумано за роба од 5000 евра земена како подарок од лик кој прибрал милиони, некој па било тоа и Катица Јанева, да крка затворска казна од 1 до 10 години? Тоа е ситница. Таа, ако лежи ќе си лежи за друго… и покрај тоа што нејзиниот адвокат Стеван Павлески ја нарече „жртва на случајот“. Била многу либерална кога се работело за притвори и за враќање на патни исправи. Но не верувам дека токму таа либералност и ја изеде главата на Јанева.

Ако дојде до „жртвување“ на Јанева, нејзиниот скалп ќе лежи на совестите, ако имаат такви, на двајцата што најмногу ја фалеа кога таа стана шефица на СЈО. Едниот е актуелен премиер, а другиот е бивш таков. Инаку во еден момент ако ви текнува и двајцата одеа на рочишта. И двајцата за работи на М. Едниот за мерцедес со „телевизори за дечињата“ другиот за мито. И двајцата не лежат. Едниот се вози во тоа на М, а другиот оди на исти забави со Роко Сифреди.

Парите од „рекетов“ да се најдат, троседов сите го видовме… „и масичето и масичето го видовме“, ќе довикне од толпата некој „ситничар“. Парите каде се? Тие се важни! Грдиот на прв поглед тросед не е доволен за да кажеме дека во Македонија правдата веќе е дојдена на голема врата.

Само да ве потсетам дека Ивонче не лежеше за милиончето. Не, не ги споредувам случаите, важни се сумите. Талевска вети дека ќе се расчисти со државата и доби условна. Ако Јанева вети дека ќе биде мирна и нема да зборува за „парите од коишто демек само Боки и Зоки имале ќар“, што мислите дека ќе добие? Лошо сценарио за правдата и за Македонија, се надевам дека грешам.

Многу шетање падна денеска, Македонија го живееше реалното шоу „Апсењето на обвинителката Јанева“. Дури се појави и камиончето за троседот и масичката? Ажурност до последен детал. Како никогаш досега. 

Македонија го доживеа реалното шоу „Апсењето на обвинителката Јанева“, но ако случајно доживее втора сезона насловена „Спасувањето на обвинителката Јанева“, мислам дека во тој момент се ќе заврши. Јанева не е ниту Мукоски ниту Василески. Таа беше симбол. Ако тоа денеска што го гледавме е ново сценарио за залажување на народот, ги советувам политичарите на следни избори да не одат од врата на врата. Има голема веројатност некој да биде тепан, а може би и е… ама ајде да не кобам.

Автор: Атанас Величков