Гоце Делчев, затворање на кругот
Fb статус на Никица Корубин
Секој кој го прочитал Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, знае дека де факто, тој не се почитува во член 8, став 3:
“Двете Договорни страни ќе организираат со заемна согласност заеднички чествувања на
заеднички историски настани и личности, насочени кон зајакнување на добрососедските односи во духот на европските вредности.”
Затоа што да се почитуваше, немаше сега јавноста да биде “замајувана” со ноќни и дневни стражи, реална опасност од ескалација, и целосна безбедносна покриеност и контрола на настан од висок ризик. Но, како дојдовме до оваа ситуација? Што вели “историјата”, односно фактите, за сите љубители на истата.
“Премиерот на Република Бугарија Бојко Борисов и премиерот на Република Македонија Зоран Заев на 2 август ќе положат цвеќе на гробот на Гоце Делчев во кругот на скопската црква Св. Спас и на тој начин симболично ќе го одбележат договорот за добрососедство и соработка што треба да биде потпишан ден порано, на 1 август во Скопје.”
Веста е од 29 јули 2017 година, а истото го повторуваат и две години подоцна на 01.08.2019 година, годината кога започнува наглото влошување на односите, односно веќе во тоа време е започнато. Тоа значи, дека двете страни, добро почнале да го применуваат договорот, барем во делот на заедничко оддавање на почит, пред воопшто договорот да биде ратификуван во нашето Собрание. Но, повторувањето на добрата пракса, две години подоцна, веќе било јалов, очаен и последен обид, да се спаси ситуацијата, која веќе излегувала од контрола. Неуспешен, очигледно. Затоа што, две години подоцна, договорот бил далеку од разбирање, примена и почитување, меѓу другото и во делот на историската комисија, која би требало повеќе од сите други, да ја знае сензитивноста на историските факти. Но, дали било навистина така?
Во јуни месец, 2019 година, само месец и кусур, пред второто заедничко “оддавање на почит” кон Гоце Делчев, веќе се води жестока медиумска дебата, на нашата “јавност” околу предлогот на македонскиот дел од историската комисија, за заеднички датум да биде прогласен 7 октомври, кога во 1946 година се пренесени моштите на Гоце Делчев од Софија во Скопје.
“Македонските експерти во меѓувладината комисија со Бугарија предложиле неколку датуми за честување на Гоце Делчев, но 7 октомври предизвика бурни реакции во бугарската јавност. Членови на комисијата од македонска страна велат дека тоа е така затоа што Бугарија како да не сака да нема ништо со своето комунистичко минато.”
Дали е тоа иницијалната каписла, дали е тоа (не)намерен и (не)пресметан гест од страна на македонскиот дел на членовите на Историската комисија, за заедничко чевствување на Гоце Делчев? Која би била заедничката точка, во пренесување на моштите од земја, која го слави Гоце Делчев, како свој херој, на ист начин на кој и Македонија го слави за свој херој? Зошто воопшто дошол таков предлог и толку ли било тешко да се предвидат реакциите? Или било лесно? Кои би биле аргументите за “заедничко” во тој датум, а не само важно за едната страна? И на крајот, кога воошто и во Македонија, бил славен и одбележуван 7 октомври, како датум кој го врзуваме за Гоце Делчев? Се знае што традиционално се обележува, денот на раѓањето или денот на смртта.
На овие логични прашања, никој кај нас, никогаш и не побарал одговор, на начин на кој никогаш и не се запрашал, а не па да побара одговор, како дојдовме до ситуација, од заедничко полагање на цвеќе на двете држави на гробот на Гоце Делчев, од пред 6 години, да дојдеме до “ден со висок ризик”, ангажирање на полицијата и “чување на гробот” на некој што требаше од старт да биде точка на обединување.
Што се случи таа критична и клучна 2019 година, од кога се’ тргна по надолна линија, и наместо смирување на државата, после Договорот за добрососедство со Бугарија, Преспанскиот договор, процедурите за членство во НАТО кои беа во тек, датум за преговори во ЕУ; ние во “блиц криг”влеговме во кругот на предвремени избори, антибугарска хистерија и фактичко деградирање на европската идеја? Дали “7 октомври” требаше да одигра некаква улога или беше случајно “уфрлен во приказната”?
Се разбира, тука се анализира само нашиот дел од приказната, односно оној на кој можеме фактички и да влијаеме; а разбирањето и самокритичноста е клучно важна за нас, особено за нашиот наратив на “жртва на процесот”. Тоа не ја исклучува вината и на бугарската страна, туку повеќе ја разоткрива нашата “невиност” на прилично перфиден начин со далекусежни последици. Намерна или ненамерна грешка, не е прашање кое треба да се постави поединечно, туку само во контекст на целокупното неспроведување, можно опструирање и целосно одбивање да се прифати и разбере концептот на Договорот со Бугарија, како парадигма на етапа од патот, кој мораме да го поминеме, како независна држава Северна Македонија, а не како “наследена”, БЈРМ.
За кругот да се затвори, треба да дојдеме на почетокот. И тогаш кога ќе дојдеме ќе ја видиме монструозноста на глупоста која украде дополнителни неколку години од она што требаше да биде круна на 30-годишниот пат кон ЕУ и НАТО. И тогаш, нема да биде прашањето кој смее или не смее да влезе од Бугарија, туку зошто се’ уште нема заедничко чествување на некој што само може да обединува, како што е Гоце Делчев? Или поставено во денешен контекст, зошто Северна Македонија не покани официјална делегација од Бугарија, заеднички да положат цвеќе, како чин на добра воља, која по автоматизам ќе ги направеше беспредметни сите “херојски акции” на чување на екслузивитетот на “ликот и делото на Гоце Делчев”? Од кого се чека абер, освен од здравиот разум, како треба една европска држава, европски да обележува значајни празници од својата историја.

