Судбината на Охрид во УНЕСКО во рацете на еден “амандман”
Пишува: Никица Корубин
Темата за Охрид и охридскиот регион, како заштитено подрачје на УНЕСКО е за среќа, детално елаборирана и анализирана. Но, дали доволно детално, односно дали се опфатени сите аспекти, е прашање кое само се наметнува, како се приближува овогодишната, 45 Сесија на Комитетот за светско наследство во септември оваа година, кога ќе се донесе одлуката за статусот на Охрид и охридскиот регион како заштитено светско природно и културно наследство. Таа одлука ја носи Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, на предлог на стручните советодавни тела на УНЕСКО.
На претходните последователни сесии, од 41 сесија во Краков во 2017 година, стручните советодавни тела препорачуваат Охрид и охридскиот регион да бидат ставени на листата на “Светско наследство во опасност”, поради деградирање на “исклучителните универзални вредности” и лошото менаџирање; пред да се одлучи зависно од постапувањето на државата и директниот мониторинг на истите стручни тела на УНЕСКО, кој ќе се овозможи со потенцијалното ставање на таа листа во опасност, дали ќе биде вратена на престижната листа на светско културно наследство или целосно ќе биде тргната од таа листа и ќе и биде одземен статусот.
Но, зошто тогаш и покрај препораките на стручните тела, Комитетот на УНЕСКО дава дополнително време за постапување? Кој го бара тоа време, затоа што Северна Македонија не е воопшто членка на Комитетот, оној кој ги носи сите одлуки?
Токму тука, парадоксално, лежи “целата приказна” околу нашиот “замрзнат” статус во УНЕСКО, како формално заштитено подрачје, фактички со препораки за ставање на “листата на опасност”, а реално заглавено во политичките, односно политикантските игри на нашата држава, преку “вештачко” одложување на неизбежното. Како и зошто се добива “дополнителното време” и кој го бара? Да видиме кои тоа држави-членки на Комитетот на УНЕСКО во претходните сесии, барале, Охрид да не биде ставен на листата на наследство во опасност и зошто тоа го направиле?
Процедурата вели, дека на Сесијата на Комитетот, се прифаќаат мислењата на стручните советодавни тела на УНЕСКО, се сослушува официјалниот став на државата кој е писмено претходно доставен, и се пристапува кон гласање. Освен, ако некоја земја, член на Комитетот не поднесе амандман. Во 2019 година, таков амандман поднесува Унгарија, во 2021 Босна и Херцеговина; за одложување на одлуката, Охрид и охридскиот регион да бидат ставени на листата на културно наследство во опасност.
Но, зошто тие би поднеле таков амандман, односно колку тие реално имаат увид, интерес и потреба, да ја кочат заштитата на културното и природното наследство во Охрид и охридскиот регион; кога нивните стручни и советодавни тела се изјасниле дека исклучителните универзални вредности се сериозни загрозени и на Охрид му треба помош? Кому тие помогнале со своите амандмани, кои ја “помогнале” политичката одлука на сметка на стручната одлука? Па, на државата, се разбира, која барала и добила дополнително време. Која, можеме, само да претпоставиме, дека лобирала, за да го добие тоа дополнително време.
Од 2017 до оваа 2023, година, државата два пати, веројатно лобирала за амандман, и добила амандман, врз основа на кој се носи политичка одлука во УНЕСКО. И нема ништо спорно во тоа претпоставено лобирање, доколку таквото време се искористи за радикални промени во заштитата на светското природно и културно наследство. Но, за што е “купено ова време” кога во меѓувреме не е направен, ниту еден сериозен системски пристап во управувањето со доброто? Па, чуму тогаш тие амандмани, чуму тогаш “политика”, и чуму тогаш одложување?
И затоа, фокусот на јавноста, како во добар магионичари трик, е насочена кон штурите и нецелосни задолжителни извештаи, кои Северна Македонија ги испраќа до Комитетот на УНЕСКО; а тие всушност се само сигнал, дека “политичката одлука” и овој пат е главниот фокус. Дали во моментов се бара нова земја членка која ќе го поднесе амандманот, на “наше барање” за да се добие уште едно одложување кое нема да служи за ништо, ништо подалеку од смешната, накарадна партиско/партократска логика “само Охрид да не го изгуби статусот во мое време”? Зарем токму државата, не треба да биде таа што самата ќе бара Охрид да биде ставен на листата на наследство во опасност, за да ја добие сета потребна стручна помош, која самата не ја поседува?
Токму затоа, во име на транспарентноста во постапувањето, одговорот кој треба да го даде Министерството за култура е: “од која земја-членка на Комитетот на светско наследство на УНЕСКО, ќе се “бара” да го поднесе амандманот? Бугарија, Грција, Италија? Египет, Етиопија, Мали? Саудиска Арабија? Продолжете ја листата … “. Мала шега …
Сепак, главното прашање останува, која ќе биде “стратегијата и тактиката” на нашата делегација, овој пат? Дали ќе се лобира, дали ќе се убедуваат земјите членки дека, ете ни фали, уште таа една година гратис, покрај претходните 6 добиени, и сите претходни изгубени, за да почнеме да постапуваме? Бидејќи, нели перцепцијата е побитна од суштината. Што е важно, што Охрид и охридскиот регион се уништуваат и исчезнуваат пред наши очи, кога ние важно, останавме на листата, “во наше време”. Ах, тој еден амандман …

