| |

Избледените светлини на ВМРО: Голгота (2)

Пишува: Владимир Перев

Продолжение…

Илинденското востание е апогејот на идејата на ВМОРО за слобода и реализација на тезата за “вооружен народ“ во борбата за слобода. Востаничките дејствија се делумно синхронизирани; во Битолско почнува на 2-ри август 1903 со нападот на полициската станица во Крушево, во Одринско , по конгресот на Петрова нива почнува на 19 август, на Преображение Господне, а Серскиот округ решава да се дигне на 27 септември-Крстовден. Ако на востанието му претходеа анархистичните идеи олицетворени низ Солунските атентати, прогласувањето на Крушевската република станува само визија за недодостижната слобода. Разгромот на востанието не носи само човечки жртви и матерјални загуби, дејствува и на психата и идеалите со кои почнала борбата. Најпасивните членови на востанието, како Јане Сандански и некои други, стануваат носители на идеи за реформирање на Организацијата и за нејзино подвластување на сопствените интереси. Тука има и нешто повеќе-влијанието на странските пропаганди, пред сѐ на грчката и српската, кои врз распарченото македонско/бугарско ткиво, ги вметнуваат сопствените идеи за државност и нација. Конечниот расцеп на двете теченија, левото и десното настануваат на Рилскиот конгрес, за од тогаш, па се до сега ги чувствуваме последиците од деструктивните дејствија на анархистите и социјалистите во ВМОРО, па и потоа. По нарачка на Јане Сандански, 1908 година Тодор Паница ги убива во Софија Борис Сарафов и Иван Гарванов и со тоа почнуваат познатите “братоубиства“ во македонското револуционерно ткиво. Лажливиот “хуриет“ е само време за внатрешно пребројување на силите и земање нов залет на левицата во Организацијата.

На воени патеки

Балканските војни го мобилизираат ВМРО и ги воскреснуваат неговите дејствија и влијание. Во Првата балканска војна организацијата помага на сите армии на сојузниците, за по Меѓусојузничката војна 1913 година, целата организација да застане на страната на Бугарија, како нивната единствена надеж, единственото прибежиште, единствената татковина. Трагедијата на Тиквешкот востание и потоа Дебарско-Охридското, само ја зацврстуваат размислата на македонците дека единствено бугарската држава е нивниот политички и духовен излез.

Првата светска војна е симболот на единството на бугарскиот народ од Македонија, Тракија и Бугарија. Повеќе од 130 илјади македонци учествуваат во борбите како бугарски војници, офицери, виши офицери и генерали. Тодор Александров го води бугарското воено разузнавање на групата Западни армии и има средби со великодостојниците на силите на Оската, како со цар Фердинанд, така и со Кајзер Вилхелм.

Крајот на Балканските војни и Првата светска војна, дадва нови размисли за нови изходи и решенија. Едно од тие решенија, наведувано како можно и целисходно е и решението за Балканска федерација. Историјата и современите настани потврдија дека тоа не е најнецелисходната идеја за решавање на она што се нарекува “македонско прашање“ и дека, де факто се работи за внесување на српските и грчките интереси на “мала врата“ во бугарскиот национален корпус. Факт е дека мнозинството на членовите на ВМОРО биле од бугарска етичка припадност, дека актите се носеле на бугарски јазик на кој комуницирале и членовите на организацијата (со своите дијелктни форми), како и дека по Рилскиот конгрес од 1905 година, организацијата не го променила својот етнички идентитет. Тоа важи и за левицата каде Сандански и Народната федеративна партија, говорат само за “б’лгари“ (и македоно-одринци) во нивните редови.

По загубената војна и депресијата, материјална и идејна, која го зафаќа бугарското општество, организацијата се преуредува и воскреснува под новото име Внатрешна Македонска Револуционерна Организација-ВМРО, на 20 декември 1919 година, на тајно заседание во Софија. Ја раководи триумвиратот Александров-Чаулев-Протогеров. Го губи предзнакот Одринска, затоа шти младотурската влада, врши етничко чистење на територијата на Одринско и Тракија воопшто, за покасно да се формира нова Внатрешна тракиска револуционерна организација под раководството на легендарниот војвода на ВМОРО Тане Николов.

Депресија, борби, поделби

Крајот на Пргата светска војна го затекнува ВМРО во неповолна по него ситуација. На една страна е непријателството на тогашната владе на Бугарија,предводена од воениот дезертер и затвореник Александар Стамболијски, присутно е и непријателството кон ВМРО на големите сили-победнички како Англија и Франција, непријателство поттикнато од нивните сојузнички Србија и Грција, како и внатрешната неповолна ситуација. Стамболијски бара “излез“ кон Европа по бугарскиот пораз, а како израз на добрата волја, во Нишката спогодба со Србија, ја нуди “главата“ на ВМРО. Тоа Организацијата не му го заборава. Бугарија е осиромашена и во депресија, а големиот број бегалци од Кралството СХС и Грција само ја отежнуваат ситуацијата. Истовремено, потпирајќи се на своите стари врски и наследеното безкритично русофилство во бугарското општество, Советска Русија и нејзината НКВД роварат низ структурите на бугарската држава. Бугарската држава е во морален и политички распад, а ВМРО, како дел од бугарското општество, ги чувствува последиците на тој распад. Почнуваат и внатрешните диферанцијации во организацијата, наследство уште од Рилскиот конгрес и сплетките на санданистите. Потоа настаните се редат со филмска брзина. Бугарското офицерство, разоружено и омаломоштено со мировните преговори, поддржано од ВМРО, ја презема ситуацијата во свои раце и врши воен преврат на 9 јуни 1923 година. ВМРО не учествува во превратот, но скопскиот војвода Величко Велјанов (со одобрение на ВМРО) заедно со неколку свои четници, учествува во борбите против приврзниците на Стамболијски во неговото родно место. Митологијата за овие настани кажува дека Велјанов лично му ги отсекува раката со која го потпишал Нојскиот договор и главата на соборениот премиер, а потоа главата ја носи во градината на царот Борис Трети.

Септемвриското востание во истата 1923 година е дело на БКП и евдентната подривна дејност на СССР/НКВД во Бугарија. Востанието е неуспешно, а ВМРО се пресметува со востаниците во Пиринско, иако претходно била постигната согласност, востание во Пиринскиот крај да нема.

Тодор Александров со железна рака ја раководи ВМРО, а покрај борбите и четите испратени во Македонија и Грција, многубројните жртви и славни моменти, тој ги расчистува и предавниците во своите редови, кои за пари и привилегии минале на страната на српските окупатори во Македонија. Во еден момент ВМРО е најсилната организација во Европа, за која знае целиот свет.

Навидум, овие епизоди од непрестајната борба за слобода но и опстојување на Организациата го зацврстуваат нејзиното идејно и национално единство. Комунистичката идеја, внедрена во бугарското општество, но и во делови на Организацијата, го бара својот излез. По долги преговори, разузнавачкиот центар на НКВД во Виена, предводен од бугарскиот евреин Голдштајн-Черски и ренегатот и конвертит Димитар Влахов, успеваат да го наведат Александров да го потпише познатиот Мајски манифест во 1924 година. Само два дена подоцна, во Лондон, во една до крај недообјаснета посета на Александров, тој ја разбира трагедијата на неговата спогодба со Советите. Но, веќе се е касно, Мајскиот договор е објавен, Александров е убиен на 31 август 1924 година и со тоа завршува еден период од славната борбена историја на ВМРО. Организацијата ја презема Ванчо Михајлов.

Ако Александров беше големиот лидер и водач на борбените групи-чети на Организацијата, Михајлов беше големиот конспиратор и човекот кој го разбра политичкиот и безбедносен момент во кој се најде ВМРО. Омразена и гонета од големите сили и своите соседи, со исклучок на Турција, организацијата го бараше своето внатрешно прочистување, кое при ситуација на “вооружен народ“ не можеше да се се реши никако освен со оружје. Така почнуваат и пресметките низ софиските улици, низ Бугарија но и во некои европски градови. Во борбата паѓаат, и од двете страни, михајловистичката и прогогеровистката-федералистичка, бројни и достојни синови на македонскиот народ. Сеуште, сите се бугари, но со различна визија за иднината на бугарскиот народ во Македонија.

Но и покрај внатрешните пресметки, Михјлов не дава ниту миг одмор на српските окупатори во Македонија. Бројни атентати врз српски великодостојници и офицери, убиства на национални предавници и ренегати од движењето се секојдневна појава низ македонските градови и населени места. Целта е да се исчисти баластот од неподобни и окупатори на Македонија, во очекување на некаква нова голема воена пресметка.

Целта на сите странски разузнавачки служби е да се растури ВМРО и на тој начин, на Србија/Југославија и Грција да им се даде прилика за мирен развој, на сметка на однародувањето на бугарскиот елемент во Македонија. Тука насилието на Грција и Кралството Југославија не даваат некои поголеми резултати. Тука успева советската НКВД со своите идеолошки и сепаратистички размисли и идеи за решавање на македонскот прашање. Во октомври 1925 година, по неуспехот со Мајскиот манифест, НКВД ја формира ВМРО (Обединета), составена од политички ренегати на ВМРО, но и луѓе со сомнителен морал и квалитети. Нивниот главен агент и основачот е Димитар Влахов, безхарактерната персона од македонското движење. На нејзиното формирање претходат и следуваат многубројни средби на централата на Коминтерна во Москва и заземањето позиција за формирање “македонска нација“, како резултат на желбите на некои македонистички дејци на ВМРО од левицата, но и резултат на сталинистичката идеја и процеси за “национален инженеринг“ на народите во СССР и светот.

Продолжува…

Избледените светлини на ВМРО: Искри во пепелта (1)



Слични Објави