| |

Избледените светлини на ВМРО: Requiem (3)

Пишува: Владимир Перев

На 19 мај 1934 година, група бугарски офицери (Воена лига, Звенари)  врши воен преврат во Бугарија и ја презема власта. Сите политички партии се забранети, вклучително и организациите како ВМРО. Неколку месеци покасно, цар Борис успева да ја поврати реалната власт, ги враќа политичките партии на сцената, но забраната за постоењето и дејноста на ВМРО останува во сила. Таа продолжува да е забранета, нејзините дејци се гонети и затворани во лагери, а лидерот Михајлов е осуден неколкукратно со смртна пресуда. Михајлов бега за Турција, за потоа неговиот животен пат да биде јасен за сите. Конфискуван е целиот имот на ВМРО кој се состои од пари и акции во вредност од над 20 милиони лева, 11 илјади пушки, 47 тешки митролези, 7767 бомби и 700 илјади куршуми. Тоа е само дел од имотот на ВМРО-михајловистичка, остануваат уште непознат, огромен број револвери, пиштоли, пушки и куршуми во приватни раце на членовите на Организацијата, кои и до денес се чуваат некаде како семејно наследство. 

Големиот ерудит, емигрант и долгогодишен уредник на “Радио Слободна Европа“, Христо Огњанов, во еден разговор тврдеше дека воениот удар од 19-мај по својата суштина е антидинастички-против династијата на Кобурзите. Тоа не е точно, или барем тоа не е единствената причина. Ударот е просоветски, прокомунистички, просрпски, антибугарски и антипатриотски, насочен само и единствено против ВМРО. Цар Борис остана на престолот, а ВМРО е растурено. Визијата на Караѓорѓевиќи дека ќе владеат “до Варна“ остана, за потоа да ја наследи и Тито, ама од тоа не стана ништо. Државата Бугарија опстана, династијата пропадна по силата на законите на војната и советската окупација на Бугарија. Избришано беше само ВМРО на Михајлов- единствениот и најдостоен противник на комунистичката идеја и реалност, воедно и на СССР. Тоа се фактите. 

Ако во мај 1934 година, советизираната и комунизирана армија и полиција на Бугарија го збришаа ВМРО, сепак Организацијата се одмазди. Во октомври месец истата година, здружените атентатори на ВМРО и на организацијата “Усташа“ на Анте Павелиќ, во Марсеј го извршија атентатот врз омразениот самодржец Александар Караѓорѓевиќ. Членот на ВМРО Владо Черноземски беше херојот и жртвата на тој чин. Народот во Македонија го опеа во песни. Тоа беше последниот чин, “лебедовата песна“ на последното вистинско ВМРО. 

Втората светска војна и бугарското “администрирање“ со Македонија не донесоа ништо ново во видувањата на бугарското општество кон ВМРО, тоа беа останати закоравени видувања, стекнати по ударот од 1934 година. Без никакви отстапки, членовите на ВМРО (и од двете фракции) застанаа на страната на бугарската власт, но без некое видливо учество во неа. Покасно, некои од  оние кои беа на протогеровистки позиции, па и од ВМРО (об), како на пример Панко Брашнаров, се приклаучија кон македонистичката идеја, присуствуваа и го поздравија АСНОМ. Тоа е разбирливо. Вмровците си беа останале на своите стари зацврстени позиции, а сега се сретнаа со една нова бугарска администрација и армија, потполно советизирани и полни со агенти на советското разузнавање. Фактички, уште од првиот ден на влегувањето на бугарските војски во Македонија, а со нив и нивната полиција, ВМРО беше подложено на следење, контроли и постојан интерес на полицијата за тоа, каде се и што прават. Генерали и офицери на бугарската армија, но и полицајци и нивните шефови, беа припадници на НКВД и ги процесираа без резерва налозите на Москва. Тоа резултираше со трагедии, како онаа во Ваташа, но и во Јаребино во Бугарија, погроми врз населението во Мегленско и ред други недоследности. Од друга страна, ВМРО-михајловистичка организираше доброволечки одреди за помош на населението од грчките насилства во Егејскиот дел на Македонија, ама резултатите од војната и пропагандата од Москва, ја обезличија таа дејност. 

Бугарија преднамерено не направи никакви избори во Македонија, за да го легализира своето владеење овде. Даваше помош во пари и натура, собираше даноци и луѓето служеа во бугарската армија, ама сето тоа не беше крунисано со учество во парламентарната власт. Дали тоа беше идеја на Царот или на Богдан Филов, да нема избори во Македонија не знаеме. Знаеме само дека за тоа бездејствие до денешен ден во Бугарија се кажуваат милион оправдувања. Историски гледано, од почетокот на своето постоење ВМРО имало силни врски со бугарските легални органи и Парламентот. ТМОРО/ВМРО е организација чие суштествување и дејност, секогаш биле во согласност со парламентарните демократски позиции на бугарскиот Парламент, потајно, дискретно и недоречено! Прашањето не е дали долгата сенка над Москва и тогаш владеела со некои личности од бугарската политика, прашањето е само, колку длабоко била навлезена во највисоките ешалони на власта. Во периодот по 1934 година, па сѐ до 1990 година, ВМРО (освен протогеровистите, кои одамна престанале да дејствуваат како членови на ВМРО) е исклучена од контакти со парламентарната власт, како во Македонија, така и во Бугарија. 

Крајот на Втората светска војна ја носи трагедијата на “двојна окупација“. Македонија е окупирана од српската/југословенската  армија, а Бугарија од советската. И во двете земји следат болшевичките пресметки по ист терк-пресметка со интелигенцијата, “кулаците“ и ВМРО. Во почетокот се работи по системот на “убиства без суд и пресуда“, за потоа да се формираат некакви креатурни судски тела кои судат по налог на Партијата. Тоа е период на “воен комунизам“, кој во Македонија трае до некаде 1953-54 година, за во Бугарија никогаш да не престане. Огромен е бројот на убиените и затворени припадници на ВМРО во Македонија, но тоа е мала бројка во однос на ѕверствата на бугарските комунисти врз ВМРО-овските припадници. До денешен ден конечните бројки не се познати, а резултатите на комунистичкиот терор и поделбата на бугарското племе се видливи веќе од педесетите години на минатиот век. Москва и Белград триумфираа. 

Иронично е, барем за Македонија, што овде пострадаа и некои приврзеници на комунизмот и македонизмот, членови на ВМРО(об), како Панко Брашнаров и Павел Шатев, но нивното ликвидирање беше само за да се прикријат трагите и нивните сознанија за српската агентурна инфилтрација во ВМРО(об) и ВМРО воопшто! Целта беше непречено продолжување на работата на српската агентура кај нас, а веројатно и во Бугарија. 

Во Македонија идејата на ВМРО никогаш не умре, за по 1945 година да се пресели во светот на легендите. Како поинку би ги нарекле бројните организации кои се појавуваат во тој период. Нивната идеја е слободна, самостојна, независна и обединета Македонија, но размислите на членовите се движат од линијата на бугарски идентитет и михајловизам на македонците, па сѐ до краен македонизам. Сенката на херојскиот чин на Владо Черноземски е инспрација, но дејноста на Ванчо Михајлов е мислата-водилка. За жал, таа дејствува на две нивоа. Едното ниво, послабото е за единство на бугарското племе “од Црно море до Охрид“ а другата линија, пак михајловистичка, говори и за македонска национална самостојност. Книгата на Михајлов, издадена под псевдонимот Брегалнишки, “По врвиците на македонското ослободително дело“, иако забранета, добро е позната во Македонија. Таа е значајна затоа што во неа го нема стерилниот инструиран македонизам на Мисирков и другите српско-руски платеници, туку е дело на конспиратор и  револуционер, кој на своја кожа ги почувствувал последиците од идејата за “единството на бугарското племе“. 

“Политици“, “м’ченици“ и “предавници“

Периодот по 1990 година и падот на комунизмот/социјализмот како московска/коминтерновска реализација, одново не потсети на максимата за “историјата која првиот пат е драма, а во второто појавување е комедија“. 

Во текот на моите први патувања во САД, често водевме бескрајни разговори со Иван Лебамов, еден од председателите на МПО, за македонската политика, идеите и можностите, најмногу за луѓето, човечкиот квалитет кај нас. Во една топла летна вечер, седнати со полните чашки црн рум “Капетан Морган“ и парчиња лејмо, неговиот брат Георги (кој впрочем воопшто не пиеше), ја почна својата приказна: “При една моја средба со Ванчо Михајлов во Рим, вели Георги, говоревме за истата тема. Тогаш Ванчо ме погледна и рече:“ Види Георги, внимавај, сите пиринци се политици, сите егејци се м’ченици и сите вардарци се предавници. Има и исклученија, ама тоа треба да се докаже. На тебе останува да мислиш какво ќе правиш!“

Често си мислев за таа изрека на Михајлов, за она длабокото во стариот конспиратор што го натерало да ја каже. Недоумиците се потврдија, барем делимично. Формирањето на двете вмровски организации, во Софија и Скопје ја потврдија таа изрека. Софиското ВМРО на Димитар Гоцев, Стојан Бојаџиев и Красимир Каракачанов, го впрегна целиот свој потенцијал за материјализацијата на вмровската идеја, направи една локална-на територијата на Бугарија-организација, која денес стана добро ситуирано трговско друштво. Каракачанов навистина стана политички фактор во Бугарија и министер за одбрана, ама ВМРО си остана локална, затворена, речи си езотерична организација со недефинирани цели. Од почетокот до денес видлива е нејзината близина до левите теченија во бугарската политика, пројавеното русофилство и евидентната зависност од Москва. 

Приказната со ДПМНЕ во Македонија во целина е слична, но со некои посебни белези во нејзиното настанување и опстојување. При нејзиното формирање, лидерот Љубчо Георгиевски беше јасен за прозападните и демократски вредности кои ќе ги негува организацијата и во тоа беше искрен. Членството и раководството беа собрани “наврат нанос“, како што времето нудеше. Потоа, наместо да се консолидира, ДПМНЕ навлезе во водите на политикантството, како со структурите во Македонија, така и со оние од соседството и од странство. Раководството се покажа недораснато да ја води таа голема политика на повеќе нивоа и во различни правци. Војната 2001 година го наложи сменувањето на Георгиевски, за потоа, со негова асистенција, местото да го заземе Никола Груевски, млад технократ и надежен лидер. Заблудата беше комплетна за сите. Надежниот технократ се претвори во насилен администратор, примитивен архитект и корумпиран премиер кој владееше со земјата фамилијарно,  како со семеен феуд. Од најбугарска и и антикомунистичка, ВМРО ја претвори во најсрпска и најболшевичка организација, урнисувајќи го правосудниот систем, службите за безбедност и македонските традиции, срамејќи го името на организацијата и плукајќи на гробовите на безбројните жртви. Наместо самостојност, добивме подвластеност на ревитализираниот светски болшевизам, за да заличиме на Венецуела или Куба. Конечно, Груевски и неговиот братучет Мијалков, завршуваат на листата на санкционирани, по законот „Магнитски“ за срам на македонската држава и на традициите на ВМРО. Барем „неутралните пацифисти“ од софиското ВМРО куртулија од санкциите по „Магнитски“… Барем за сега.

Бугарија и нивната ВМРО беа зафатени со своите приватизации, грабежи и убиства, па не можеа јасно да согледаат што се работи во Македонија од оние кои го носат името „ВМРО“. Кога Македонија посегна по историјата на Грција и нивната антика, беше грубо пресечена и блокирана, но за Бугарија нештата не беа до крај јасни. Кога Македонија посегна по бугарската историја, од Самуил, преку Преродбата, па се до Тодор Александров, бугарите се сепнаа, се сетија да реагираат. Навистина, Каракачанов говореше дека нема да се признае никакво македонство пред Илинден 1944 година, ама малку дејствуваше во тој правец. Неговото време дојде со Захариева и Радев, со потпишувањето на Договорот за пријателство и добрососедство. Дури тогаш Бугарија ја сфати важноста на Македонија во својата историја и битисување, а зборот ВМРО ја изгуби својата важност. Херојската борба на ТМОРО/ВМОРО/ВМРО во тој миг се растовари од  својата мистичност и стана тема на разговор меѓу две држави. Европа, на некој посебен начин, приближно ја согледа важноста на разликите во мислењата, па  нејзината поддршка на Бугарија стана јасна и евидентна, прв пат во последниве стотина и повеќе години. Останува Бугарија и нејзините раководства, сегашни и идни, да останат доследни на патот на сочувувањето на својата/нашата идентичност. 

Сонувачите за слободна Македонија, хероите готови за саможртва, одамна си заминаа од нашиот свет. Исчезна магијата на ВМРО, а слабите светилки на идејата, не можат да ги осветлат, ни нивните заборавени гробови, ниту нивните дела на всеодаденост и саможртва. Меѓу нас останаа корумпираните “политици“, лажливите “м’ченици“ и секогаш присутните “предавници“!… Проклетството на последното завештание на Михајлов! 

Фарсата завршува. Светлините на ВМРО се бледи и полека се гасат…спуштете ја завесата! 

Честит 23 октомври 2023 година! 

Крај.

Избледените светлини на ВМРО: Искри во пепелта (1)
Избледените светлини на ВМРО: Голгота (2)

Слични Објави