Г. АДЕМИ НАШИТЕ ИДНИ АКАДЕМСКИ ГРАЃАНИ ЖИВЕАТ ВО МИЗЕРНИ УСЛОВИ!
Иако во државата освен за референдумот и набавка на нови автомобили за Собранието, не се зборува за ништо друго и на неколку дена пред одржување на истиот би сакала да прашам: Дали во нашата држава воопшто постои Министерство за образование и науки?!
Зошто се промовира програмата за бесплатно образование, кога на родителите им се наложува плаќање на 70% на оштетени учебници а децата добиваат стари или претходно користени, односно учебниците од повозрасните ученици ги користат помалите?
Ако ни е бесплатно образованието и децата добиваат стари книги, а на родителите им се наложува сами да си купат работните листови по одредени предмети кои реално чинат повеќе од самата книга, тогаш што е бесплатно во образованието?
Дали и оваа година доделувањето на 50 студентски стипендии на странски државјани кои се од интерес за Република Македонија, а се со македонско потекло и живеат во Албанија, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Косово, Турција, Романија, Црна Гора и Грција), пак ќе бидат по критериумите на деца на високи функционери на споменатите држави а и обратно, т.е децата на наши високи функционери ќе добијат стипендии за студии по сопствен избор надвор од државата?
До каде се реконструкциите на домовите за студентите, бидејќи нашите идни академски граѓани живеат во мизерни услови?!
Дали воопшто во нашата држава се започнати било какви реформи во образованието?
Јас сакам да ви укажам и да ве потсетам на можноста г.Адеми ако не знаете како да се справите со овие проблеми тогаш преземете ги моделите на европските држави кои успешно функционираат како на пример германскиот, естонскиот, шведскиот па вклучително и словенскиот модел. Прашање е на воља на желба и работа!
Дајте веќе еднаш засекогаш да изградиме општество кое ќе се темели на вистинските вредности, да создадеме општество кое пред се е образовано и на кое ќе му дадеме можност преку квалитетно образование да застане рамо до рамо со своите врсници надвор од државата.
Ние од ГДУ како конзервативна партија имаме став дека само со квалитетно образование можеме да придонесеме за квалитетна иднина на нашата земја и одењето напред кон ЕУ.
Бидејќи нашите деца се нашата иднина!!!
Автор: Фросина Китановска
