| |

МАДАМ К. ГО ЗАПОЧНА ПОСЛЕДНИОТ ЧИН ОД ПРЕТСТАВАТА

Мадам К. Ј. го игра последниот чин од претставата наречена СЈО. Нејзините колешки Ленче и Фатиме се пониски од тревата, тие одамна го завршија својот дел од работата и сега удобно можат да си направат пуканки и да гледаат како Русковска им се заканува на „хуманите“ судии од Апелација дека ќе ги „тресе од гаќи“, за да провери дали случајно не земале дел од парите во торбата „Луј Витон“,  љубезно обезбедени од лицето Ј.К. за да почне комплетниот водевил…

Граѓаните не смеат да се оптеретуваат со теми од типот: „Зошто не му застаре делото на дедото што сакаше да и направи нова фризура на Шекеринска­?“ или пак „Како е можно еден автопат долг 60 километри да чини повеќе од половина милијарда евра?“­.

Страв ми е да си помислам што ќе се случува ако и новиот клинички центар за којшто министерот Венко Филипче во крајот на август изјави дека ќе чини помалку од половина милијарда, почне да „поскапнува“ во текот на реализацијата… Тогаш што ќе биде главна тема? Ќе најдете некој пластичен хирург што ќе изјави дека Миле Јанакиески се обидел да изврши операција за промена на полот, ама не стасал и затоа сега „че си лежи“?

Системот креира карикатури од сопствените измеќари, за да може откако ќе си ги завршат обврските да им ги пушти на лавовите во колосеумот на нашето сеирџиско постоење. Токму тој замислен Колосеум е подарокот на нашите умислени „римски патриции“ за плебсот што упорно ги гласа.

Да бидам искрен вчера очекував дека главна тема ќе бидат раните по дебелото црево на Боки 13, но ете кукловодите одлучија Апелација да им го украде „шоуто“ на „рекетар број 1 на Републиката“ и неговиот адвокат Сашо Дуковски.

Маскенбалот што синоќа ни беше приреден ја постигна својата цел. Денеска се прашуваме каква диета држела во затворскиот притвор Катица, бидејќи, како што сите видовме ептен се стопила жената. Нормално тука се и Миленковци за да го пуштат црвот на сомнежот, а имено, дали лицето што синоќа беше снимено како се симнува од полициското комбе е Катица. Нова тура материјал за чаршиски муабети.

Во истото време никој не знае што се случи со 36-мината стручни соработници кои конкурираа за работа во Академијата за судии и обвинители, со фалсификувани документи за завршен странски јазик. Дали се на работа, дали некој одговарал и дали воопшто се преземени мерки тоа да не се случи повторно? Молк…   Одговорите на тие прашања, како да не ја занимаваат јавноста. Истата таа јавност што на 12 април ќе направи огромна грешка ако ги бојкотира изборите и им дозволи на партиските послушници на СДСМ-ДПМНЕ да си го изгласаат новиот репертоар на театарот наречен „Македонија“.

Автор: Атанас Величков



Слични Објави