| |

Парадигмата на “црната листа”: на неа или пред неа?

Facebook статус на Никица Корубин

“Идејата” дека Северна Македонија, може “вечно” да преговара за влез во ЕУ, финансирана и спонзорирана од неа, без да мора да влезе во неа, е стара речиси колку и нашата независност. Изблик на “генијалност” на формално прифаќање на сите очекувања што од нас ги имаат стратешките партнери; и суштинско изигрување на тие очекувања. Реализирани низ годините под мантрата “ЕУ и НАТО се наши стратешки определби”.

Определбата не мора да значи и реализација на истата, би рекол некој итромански ум. Тазе советуван од некои регионални автократи, кои за воља на вистината, “глумењето” европејство го ефектуираат со активни закани по безбедноста на цел регион. Но, кое е “оружјето” кое “елитите” на Северна Македонија, го кријат “во ракавот” за да може определбата за ЕУ, никогаш да не стане реализација? Членството во НАТО и дефинитивното решавање на спорот за името, говори дека “оружјето” е повеќе орудие, слабо и за еднократна употреба, и секако на наша штета.

На сличен начин, како што впрочем и се доживува(ат) т.н. “црни листи” на САД. Игнорирани и дури исмевани, на појавно ниво; проблематизирани и делегитимирани на правно ниво; и третирани како обична “дисциплинска мерка” од позната басна за “стапот и морковот”. Затоа што и пристапот и нивото на водење политика кај нас, горе-дело е сватено како народна збирка на басни и итрини.

Но, забораваат дека има приказни и за Нарцисот и неговото огледување во сопствениот лик. Така некако, метафорички изгледаат и “црните листи” на САД, зачестено освежувани, во последната година: како огледало на нашето општество, каде се соочуваме со вистината, со “грдиот лик”, во нашата верзија на Нарцисот. Затоа што некои работи може да се “кријат” извесно време, но не може сите работи да се “кријат” цело време. А, особено не може да се крие “ликот” на избегнатата правда.

Кое “бегство” се преклопи на најиндикативниот можен начин, во ликот на поранешната специјална јавна обвинителка, и нејзиното име на “црната листа” на САД и пред се’ суштината на специјалното јавно обвинителство, шарената револуција и борбата за правда и функционален систем. Будење од само навидум, и пред се’ намерно “заборавениот” исход на процесот кој и ја произведе целосната летаргија, апатија и речиси целосно откажување на граѓаните од желбата и надежта, дека правдата е воопшто можна и достижна.

Но, како велат, правдата е бавна, ама сепак достижна. И она што со “здружени сили” се става(ше) ад акта изминативе години, се “извади” на виделина, на шок и неверување на сите, како трик од истата магија, која мислеа дека совршено добро ја совладале. “Магија” на диктирање на наративот и ефектуирање на реалноста, по мерка на “заробената држава”.

И од тоа огледало нема бегање. Со сите трикови на релативизирање, апстрахирање, префрлање, потсмевање; одговори чекаат, сите неодговорени прашања. Иако, веруваа дека никој, никогаш веќе нема да ги постави. Во инструментализираната сегашност на “секое чудо за три дена”. А, велат дека за историјата многу се грижат. Ама се чини дека не знаат дека историјата се фактите и колективната меморија. Каде е тогаш нашата меморија: институционална, правна, праведна; за реалноста која не може да се избрише со ниту еден нов трик?

И затоа повторно се пренасочува вниманието на “јавноста”, кон се’ освен кон суштината. Како што прават сите лоши ученици. Затоа што, инструментите што ги овозможуваат стратешките партнери, не се за нив, туку за нас самите. А, како ќе се докаже партнерството фактички, а не декларативно е приоритетното прашање кое чека одговор. Не уште за долго.

А, тој што ќе го даде одговорот, тој конечно ќе премине од декларативност на суштина. А, кога суштината ќе биде откриена, тешко дека било каква итрина ќе може повторно да ја покрие. На потег се сите декларирани про-САД и про-ЕУ фактори. Времето за “зборови” помина, “делата” ќе зборуваат подобро од сите изречени зборови.



Слични Објави