Форбс: Софија е најдобар град за живеење по пензионирање
Преселување во Европа по пензионирањето можеби за многумина е сон, но изборот на идеална локација е тежок, коментира во своја публикација магазинот Форбс. Во својата најнова студија компанијата за деловни решенија Moneypenny, ги рангира најдобрите градови за живеење по пензионирање во Европа врз основа на мноштво фактори, вклучувајќи ги просечните трошоци за живот, потребната заштеда и многу други детали, јавува БНР.
Moneypenny ги споредува 50-те најнаселени градови во Европската унија, земајќи ги предвид возраста за пензионирање, просечната цена на киријата, достапниот слободен простор, пристапот до здравствени услуги, бројот на спортски сали, кафулиња итн.
Така, главниот град на Бугарија, Софија е на првото место на рангирањето за најдобро место за живеење по пензионирањето, според „Форбс“.
Просечната возраст за пензионирање во Софија е пониска од другите градови во рангирањето. Градот е одлична можност за пензионерите бидејќи минималната сума потребна за удобен живот е 148.590 евра, додека во другите градови оваа сума е двојно, па дури и тројно поголема, се наведува во публикацијата.
На второто место на рангирањето е Будимпешта, а потоа следат Загреб, Букурешт и Рим.
