ФИЛИПЧЕ ГИ СЛУШНА БАРАЊАТА НА ЛЕКАРСКИТЕ ЗДРУЖЕНИЈА: ПОГОЛЕМИ ПЛАТИ ВО ЗДРАВСТВОТО И ВРАБОТУВАЊА ЗА МЛАДИТЕ ЛЕКАРИ
Младите лекари веднаш по дипломирањето, односно добивањето лиценца ќе добијат можност за 6 месечна практична работа во здравствените домови во Република Северна Македонија, за што ќе бидат обезбедени работни места во Итната медицинска помош, вакциналните пунктови и во поливалентната патронажна служба, а потоа ќе можат да специјализираат. Ова е последна новина во низата промени за повисок стандард и подобри услови на здравствените работници во земјава.
-Како што најавивме пред неколку дена успеавме да направиме модел каде секој студент ќе добие можност за практична настава во здравствените установи. Ова е само еден од многуте чекори кои ги презема Министерството за здравство за подобрување на условите на медицинскиот кадар во земјава, изјави министерот за здравство, д-р Венко Филипче по средбата со трите здруженија на лекари специјализанти.
Претставниците од здруженијата ги поддржаа предлозите на министерот и се согласија да бидат дел од процесите со кои ќе се реализира предлогот сите лекари штом ќе добијат лиценца, веднаш да им се даде можност 6 месеци да добијат платена практична работа во Итната медицинска помош, во вакциналните пунктови и поливалентните патронажни служби.
