(Галерија)Бугарскиот филм „Странецот“ беше прикажан во во рамките на „Неделата на франкофонскиот филм“ во Кинотека на РС Македонија
Синоќа во рамките на „Неделата на франкофонскиот филм“ (23–30 јуни), љубителите на европската кинематографија имаа можност да го проследат бугарскиот филм „Странецот“ (The Foreigner).
Филмот беше прикажан во Кинотеката на Северна Македонија. Настанот е организиран од Амбасадата на Република Бугарија во Скопје и Културно-информативниот центар на Република Бугарија.
„Много ми е драго што и оваа година Бугарија учествува во иницијативите на Франкофонијата во Скопје“, изјави Елена Слатинска-Ованезова од Амбасадата на Република Бугарија во Скопје во своето поздравно обраќање до публиката на бугарски и француски јазик.
Играниот филм „Странецот“ во режија и по сценарио на Ники Илиев беше обезбеден од Државниот културен институт при Министерството за надворешни работи на Република Бугарија. Салата на Кинотеката на РСМ беше исполнета со пријатели и посетители на БКИЦ – Скопје, претставници на бугарската заедница во РСМ, дипломати и пријатели на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
„Странецот“ е духовита и топла приказна која ја истражува темата на културните разлики и љубовта меѓу луѓето од различни светови, со актерска екипа која нуди незаборавно филмско искуство.
Потсетуваме дека поради трагедијата во Кочани, што се случи на 16 март 2025 година, беа одложени низа настани поврзани со Франкофонијата.
На 10 април 2025 година во Скопје се одржа едукативна презентација во рамките на кампањата „CONTINUONS EN FRANÇAIS – Да учиме на француски во бугарските универзитети“, со учество на Специјализираниот институт на Франкофонијата за администрација и менаџмент, Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, Новиот бугарски универзитет и Техничкиот универзитет – Софија, како и националниот кореспондент за Франкофонијата од МНР на Република Бугарија и раководителот на Националното биро на Универзитетската агенција за Франкофонија – Бугарија. Настанот беше реализиран во партнерство со Францускиот институт – Скопје.
На 28 март се одржа одложената презентација на државите – учеснички во Франкофонијата. Настанот беше организиран во ООУ „Киро Глигоров“ – Скопје. Бугарија беше претставена од наставници и ученици од ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ – Скопје, кои изложија туристички, промотивни и едукативни материјали за Бугарија, бугарска носија и други реквизити. Претставници на бугарската амбасада во Скопје го посетија бугарскиот штанд на настанот и учествуваа во засадувањето дрвца во дворот на училиштето, организирано во спомен на загинатите во трагичниот инцидент во Кочани.
Во рамките на иницијативата „Concours de lecture à voix haute“ во училиштата со настава на француски јазик, беше прочитан текст од романот „Физика на тагата“ од Георги Господинов /Physique de la mélancolie/ од ученичката Х. Исмаили од ООУ „Ј. Б. Тито“.
Бугарија се приклучува како полноправна членка на Франкофонската заедница во 1993 година за време на Петтиот франкофонски самит на остров Маурициус. Севкупната франкофонска дејност во земјата првично се координира од Министерството за култура, а од 1995 година наваму од Министерството за надворешни работи, во својство на Национален координатор за Франкофонијата.











