(Видео) Д-р Маџуров: Заседнатиот начин на живот, стареењето на населението и недостигот на превенција се меѓу главните причини за растечкиот број заболувања на рбетот
Заседнатиот начин на живот, стареењето на населението и недостигот на превенција се меѓу главните причини за растечкиот број заболувања на рбетот. Ова во интервју за БГНЕС го изјави познатиот неврохирург и полковник од германската армија д-р Петар Маџуров.
Д-р Маџуров е поранешен директор на Клиниката за неврохирургија при Воената болница „Бундесверкракенхаус“ во Берлин, функција што ја извршуваше од 2007 до 2024 година. Тој е полковник во германската армија и има учествувано во три мисии на НАТО-ИСАФ во Авганистан. Носител е на ордени од НАТО и Бундесверот за својата работа.
„Неврохирургијата повеќе не е елитна хирургија како што беше порано, бидејќи дегенеративните заболувања значително напредуваат со стареењето на населението“, истакна д-р Маџуров.
Според него, дури 90% од болките и проблемите што ги носат луѓето во неврохируршка амбуланта се поврзани со рбетот. „Неврохирургот е последната инстанца кај овие заболувања. Пред да се размислува за оперативно лекување, мора задолжително да се спроведе комплексна конзервативна терапија. Дури потоа, ако таа не помогне, може да се зборува за операција. Има една крилата фраза: најдобрата операција на рбетот е кога може да се избегне“, нагласи д-р Маџуров.
Тој апелира до луѓето повеќе да се грижат за здравјето на рбетот преку редовно движење, физичка активност и навремена превенција, за да се намали потребата од сериозни хируршки интервенции.
