54 години од трагедијата што го потресе бугарскиот фудбал: Левски се поклони пред Аспарухов и Котков
Денес се одбележуваат 54 години од смртта на две од легендите на Левски и бугарскиот фудбал – Георги Аспарухов и Никола Котков, пренесува БГНЕС.
На 30 јуни 1971 година двајцата го загубија животот во тешка сообраќајна несреќа кај преминот Витинја. Подоцна во текот на денот, од 10:00 часот, претставници на управата на Левски, вработени, ветерани и навивачи на клубот ќе положат венци и цвеќе на Централните софиски гробишта.
Еве што напишаа „сините“:
„Денес е најтажниот ден за секој левскар! Секој од нас се буди некако поинаку – со грутка во грлото и болка во срцето. Затоа што на денешен ден пред 54 години ги загубивме двете најсјајни фигури не само за Левски, не само за фудбалот, туку и за Бугарија во целина – Георги Аспарухов и Никола Котков.
54 години од таа злокобна несреќа, која нанесе непоправлива рана во срцето на секој левскар. Несреќа што ги одзеде нивните животи, но не и нивната харизма и завет. Тие не беа само големи фудбалери, туку и омилени луѓе за целиот народ поради нивната човечност и добрина.
Наша должност е никогаш, додека на оваа земја постои жив левскар, да не ги заборавиме. Да не ги заборавиме нивните завети. Да ја наведнуваме главата секогаш кога стапуваме на стадионот „Георги Аспарухов“.
ПФК Левски се поклонува пред споменот на Георги Аспарухов и Никола Котков.
Поклон пред Непрежалените!“
