Бугарски воен контингент заминува за учество во стабилизирачките сили на НАТО во Косово
„Запомнете дека во Косово ја претставувате Бугарија пред сојузниците во НАТО и Алијансата пред локалното население и властите“, изјави заменик-началникот на одбраната генерал-леjтенант Михаил Попов на денешната церемонија по испраќањето на бугарскиот воен контингент за учество во мисијата на Стабилизирачките сили на НАТО (KFOR) во Косово. Настанот се одржа во Шумен.
„Некои од вас веќе биле на мисија. Немојте да се потпирате премногу на мислата: ‘Бев таму, го направив тоа’. Ниту една мисија не е иста, дури ни деновите не се исти. Ситуацијата во Косово се менува брзо, понекогаш во рок од неколку часа. Бидете подготвени да реагирате соодветно. Почитувајте ги стандардните процедури и наредбите од вашите команданти“, им порача генерал-лејтенант Попов на војниците.
Воената единица од вооружените сили на Република Бугарија, која ќе биде дел од регионалната команда „Запад“ на стабилизирачките сили на НАТО во Косово, брои 97 војници, од кои 90 мажи и 7 жени. Контингентот ќе извршува задачи во состав на силите на Алијансата во Косово до февруари 2026 година.
Контингентот е предводен од потполковник Иван Комитов, кој ќе ја извршува и функцијата началник на штаб на регионалната команда „Запад“ во KFOR.
Главниот состав на единицата е формиран од 29-иот механизиран баталјон од 5-та бригадна команда – Плевен, а е дополнет со војници од 61-та механизирана бригада – Карлово, 4-ти артилериски полк – Асеновград, припадници на Заедничката команда на силите, Воено-медицинска академија и Воена полиција – Варна.
„Денес испраќаме контингент за учество во мисијата на НАТО во Косово, формиран и подготвен токму од 29-иот механизиран баталјон. Летото е жешко за баталјонот – и во буквална и во преносна смисла. Жешко е и за стотиците војници од бугарската армија кои учествуваат во гаснењето пожари низ целата земја“, истакна генерал-лејтенант Попов.
Тој потсети и дека пред само неколку месеци, 29-иот механизиран баталјон ја предаде штафетата на 4-тиот механизиран баталјон како дел од Мултинационалната борбена група на Алијансата на бугарска територија, со Италија како рамкова земја. „За покажаниот професионализам, персоналот од двете единици доби висока оценка од командата на мултинационалната борбена група. Двата баталјона од 5-та бригадна команда ја зголемија својата оперативна интероперабилност и придонесоа за зголемување на одбранбениот капацитет на Југоисточното крило на НАТО“, додаде Попов.
