Контингент од околу 280 припадници на АРМ со формациска опрема, вооружување и возила испратен на воената вежба „Saber Junction 25“ во Германија
Со свечена церемонија во штипската касарна „Јане Сандански“, денеска беше испратен македонски контингент од околу 280 војници со формациска опрема, вооружување и возила, меѓу кои и новите лесни оклопни возила JLTV, на учество во воената вежба „Saber Junction 25“ што ќе се одржи во Хохенфелс, Германија.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски, кој присуствуваше на настанот, им порача на војниците да бидат горди на униформата што ја носат и на државата што ја претставуваат пред сојузниците.
„Ви посакувам многу здравје, покажете дека се носиме со сите земји и дека можеме да покажеме квалитет,“ изјави Мисајловски. Тој додаде дека за секој предизвик Министерството и Армијата се подготвени да дадат целосна поддршка.
Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, истакна дека за прв пат во историјата на Армијата, на вежба ќе биде испратена формација од ваков состав.
„Зајакната чета со сите елементи на маневар, на борбена поддршка и на самоодржливост ќе биде распоредена на вежба,“ порача Лафчиски.
Финансиските средства за планирањето, подготовките, транспортот на персоналот и опремата, како и за учеството на вежбата, се обезбедени од буџетот на Министерството за одбрана. Тоа, како што посочуваат од ресорот, е доказ за посветеноста кон континуираното усовршување и увежбување на припадниците на Армијата.
Македонскиот контингент, кој е најголем досега што учествувал на оваа серија вежби, е дел од Лесната пешадиска баталјонска група. Ова е воедно и подготовка за претстојното оценување на борбената готовност во 2026 година. Главните цели на вежбата се развивање на интероперабилноста со сојузниците, извежбување на распоредување на поголеми единици надвор од територијата на државата, стратегиски транспорт до местото на одржување, како и обезбедување на самоодржливост и логистичка поддршка.
Вежбата „Saber Junction 25“ е во организација на Командата на американската армија за Европа и Африка и ќе обедини голем број НАТО-сојузници и партнери.
