| | |

Мицкоски на „местото на злосторот“

Атанас Величков

Во своите најсилни години поранешниот премиер Груевски и „неговата верна дружина“ соработници, клиенти и лажни пријатели „со големи и мали ножиња“ се наоѓаа во перманентна предизборна кампања. Секој еден потег на груевистичкиот режим беше добро испланиран, солидно медиумски покриен и прекрасно „продаден“ на граѓаните. Машинеријата работеше прекрасно, се додека на сцена не се појавија „бомбите“ на Заев, но и покрај нив Груевски пак ги доби изборите во веќе далечниот декември на 2016 г. Претходно се случи и историскиот „Пржински договор“… Потоа се појави СЈО, трите грации на Обвинителството имаа статус на супер-хероини, посебно тоа се однесуваше на раководителката на Специјалното јавно обвинителство Катица Јанева, која започна храбро со она „Отвори, отвори“ пред портите на МВР, за да заврши неславно со аферата „Рекет“ и троседот од неколку илјади евра.

Сите се сеќаваме на оние јавувања на Груевски „од местото на настанот“, кога граѓани ќе му се пожалат за нешто и тој онака лидерски, како што доликува на еден шеф, ќе се јави, кај некое одговорно лице и проблемот на некаков „државнички“ начин ќе почнеше да се решава. Од овој театар беа задоволни речиси сите и Груевски секогаш облечен во кежуал варианта со маичка и фармерки и граѓаните насобрани околу него, дотерани со кој што нашол по дома за да го пречека премиерот. Стресот во случајот е за лицето од другата страна на телефонската линија, кое го добило повикот на „шефот“. Но, тоа се ситници, бидејќи во тоа време ретки беа функционерите од прв до последен ешалон, кои не беа антички комити, а сите до еден се „арчеа за Македонија“.

Слична изведба беше и онаа на Катица пред МВР. Граѓаните да се чувствуваат убаво и да си помислат дека работиве навистина ќе тргнат на поарно. Не тргнаа…

Република Северна Македонија се наоѓа пред локални избори. Истите веќе се распишани од првиот човек на Собранието Африм Гаши и нивниот прв круг треба да се одржи на 19 октомври. Иако не е започната предизборната кампања, таа е во тек. Владата ги повика повторно министерствата да ги пријават своите возила во Државната комисија за спречување корупција, за да не се случи така со државни автомобили и со државно гориво да се води кампања. Мицкоски почна да го копира Борисов, пуштајќи видео, како се вози со својот заменик Александар Николоски и зборуваат за историскиот пат Охрид-Кичево. Па имаше и откривање на делница од истиот пат. Сосема свежа е и „другарската караница“ меѓу СДСМ и ДПМНЕ за „Казандол“. Работите се случуваат би рекол непоправливиот оптимист, додека трезвениот реалист веќе си го чека бројчето, проверувајќи преку еден ден, докаде му е процедурата за добивање на бугарско државјанство.

На меѓународен план, Република Северна Македонија се држи достоинствено, веќе ја прифати реалността со Преспанскиот договор, но никако да започне да го спроведува Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија. Грците се јаки, со нив ниту Мицкоски, ниту некој друг, па дури и „да му е брат“, не сака да се закача. Бугарите се друга работа. Според југословенската матрица, тие се припадници на понижа раса од македонската и затоа не треба да се почитува ништо што е потпишано со нив. Сега на Уставен може да падне и вториот протокол, кој произлегува од Бугарскиот договор и со тоа сите проблеми ќе бидат решени…

Повторно се враќаме на домашната сцена. Веќе ѝ поминаа 5-те минути слава на скопската градоначалничка Арсовска, ДУИ и Влен се караат кој е поголем предавник на албанската кауза во РСМ, а Мицкоски најавува црни сценарија околу изборните резултати за неговите „другарчиња“ од опозицијата, кои во лицето на СДСМ на локалните избори ќе доживеат дебакл. Гледајќи што се случува во Струмица меѓу Општинската на СДСМ во овој убав македонски град и сегашниот градоначалник Костадинов, дебаклот на поранешните комунисти и вечни титовисти и не е толку неостварлива прогноза на „подизведувачот на Орбан и Вучиќ“.

Во целата таа бутафорија, премиерот Мицкоски одлучи после 5 месеци од трагедијата во Кочани, да отиде до гробиштата во градот и да запали свеќа во спомен на загинатите во пожарот што се случи во дискотеката „Пулс“. Таму го пречекаа скршените родители на децата… Видеото од настанот снимено од колегите од кочанската телевизија Канал 8 е достапно и секој може да ја види таа снимка. Ужасно е лицемерието со кое премиерот се појави на гробиштата во Кочани. Онака на поминување од некои нови инвестициски активности на фирмата Амфенол Технолоџи. Би било грозно да се рече, дека сега го однел патот на кај Кочани, па ја искористил приликава, но од страна изгледа токму така.

Уништените родители повторно ги искажаа барањата за правичност во постапката за санкционирање на сите виновни за трагедијата. Тие имаа забелешки и за постојаните притисоци и закани кон нив, како на социјалните мрежи, така и за начинот на кој постапуваат институциите. Како пример тие го посочија последниот „Марш за ангелите“ на кој требало да дојдат и граѓани од други градови, но поради зголеменото присуство на припадници на МВР на теренот се чувствувал непотребен притисок и заплашување. Дел од нив изразија и сомневање дека надлежните институции ќе постапуваат соодветно и дека правдата ќе биде задоволена.

Мицкоски од своја страна им порача дека, секој кој сака да им се приклучи, да им даде поддршка, ја има и неговата поддршка. Не го видовме премиерот да сврти неколку броја и да ги искара оние што им вршеле притисоци или им се заканувале на родителите. Тоа се практики од едно друго режимско време. Сега Република Северна Македонија е слободна земја. Секој слободно може да се спасува од истата, како што ќе најде за најизводливо.

Дали некој „Бог на политичкиот маркетинг“ го посоветувал Мицкоски, да се појави на гробиштата во Кочани, пред родителите, на помалку од два месеци пред локалните избори, историјата молчи. Можеби таа посета нема никаква врска со изборите што се ближат, најверојатно е така, но тогаш се поставуваат прашањата: Што чекаше Мицкоски, за да се појави на гробиштата дури по пет месеци од трагедијата? Дали и таа одлука била толку тешка, колку што била одлуката да се прифати помош од Бугарија за настраданите во пожарот, во првите часови по трагедијата? Друго легитимно прашање е дали после таа средба со родителите, ќе престанат притисоците врз нив? Ќе се охрабрат ли јунаците од социјалните мрежи, да излезат во јавност и да им се придружат на луѓето што веќе со месеци маршираат во чест на ангелите од Кочани во потрага по правда?

Можеме да поставиме уште многу прашања. Одговорите на истите во предизборието секако ќе ни се допаднат. Некој ќе се обиде да нѐ убеди дека работите навистина ќе тргнат на поарно. Потоа изборите ќе дојдат, некој нов Влатко Ѓорчев ќе не информира дека ВМРО победува во Новаци, Конче, Босилово и така со ред до Скопје, а присутните на пресот ќе паѓаат во делириум после секое спомнување на населено место. Елитата, политичка, образовна, научна и секаква друга ќе си го најде местото на завет, а граѓаните…?

Тие не се важни во случајот. Тие се публиката од која не се бара интеракција туку само безусловен возхит. Оти така е искрено, а и камерите не снимаат и нема потреба од лицемерие.

Бог да ги прости децата од Кочани и да им даде сила на нивните родители и најблиски.



Слични Објави