| |

„Нашите деца загинаа затоа што системот потфрли“ – 20. Марш на ангелите во Кочани

Со порака дека трагедијата во дискотеката „Пулс“ не смее да остане без одговорност, денеска во Кочани се одржа 20-от по ред „Марш на ангелите“. Родителите и семејствата на загинатите и повредените млади пред зградата на Полициската станица порачаа:

„Нашите деца загинаа затоа што системот потфрли, затоа што имало заштитници и соучесници во униформа.“

Тие побараа неселективна и транспарентна истрага, а од Обвинителството за организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) да ја информира јавноста до каде е постапката со обвинителниот акт за вработените од МВР. „Тие се сè уште на слобода, а не со третман каков што заслужуваат нивните постапки,“ нагласија семејствата.

Маршот започна во 17.05 часот од Паркот на револуцијата по утврдената маршрута – низ Трговскиот центар, покрај зградата на Општина Кочани и Полициската станица, а заврши пред Основниот суд и Основното јавно обвинителство.

Пред обвинителството семејствата истакнаа дека нивната борба не е само за сопствената болка и загуба:

„Оваа борба не е само за нашите загубени синови и ќерки. Денес зборуваме и во име на секое дете во оваа земја.“

Тие предупредија дека без независен и некорумпиран судски систем, како и без политичка одговорност, државата повторно ќе ја изложува младоста на ризик.

„Затоа денес јасно и гласно велиме: без независен и некорумпиран судски систем, без инстант политичка одговорност, оваа држава повторно ќе ја изложи младоста на ризик. Вакви трагедии ќе се повторуваат, и тоа е најстрашното сознание. Кој ја одолговлекува постапката? Зошто институциите молчат? Кој ги штити виновните? Нашите деца ги нема, но Вие имате обврска да ја истерате правдата! Ние, родителите, стоиме позади вас – не за да ве штитиме, туку заедно со вас да ја истераме вистинската правда и да докажете дека во Македонија постојат институции кои не се корумпирани и кои работат за граѓаните,“ порачаа родителите пред судот и обвинителството.



Слични Објави