| |

Туристичка агенција од Скопје со хуманитарна акција за децата погодени од пожарот во Кочани

Туристичката агенција „Весна Турс“ од Скопје, предводена од основачот Весна Филипова и нејзината ќерка Марија Соколоска, најави хуманитарна акција со која ќе им обезбеди бесплатен одмор на 20 деца од Кочани кои беа најпогодени од неодамнешниот пожар.

Соопштението е испратено до иницијативата „Support Kocani“ Општата болница во Кочани и до д-р Катерина Паник, директор на установата. Во истото се нагласува дека целта на оваа иницијатива е децата да добијат можност за психичка и емоционална рехабилитација преку позитивни искуства и одмор.

Од „Весна Турс“ информираат дека акцијата ќе се реализира во периодот од 21 до 28 септември 2025 година во Аспровалта и Неа Врасна, Грција. Од агенцијата обезбедуваат бесплатен превоз и сместување во студиа и приватни куќи од категорија Б, здравствено осигурување за целиот престој, сместување во студиа со 2, 3 и 4 кревети, со сопствен балкон, кујнска единица и тоалет, на локации оддалечени 50–150 метри од плажа.

Храната и другите дополнителни трошоци ќе бидат на сметка на корисниците.

Марија Соколоска, која во детството претрпела сериозни изгореници и поминала низ голем број операции, ја истакна својата лична мотивација да помогне на децата кои минуваат низ слична траума. „Благодарна сум што сум жива и сега можам да помогнам на други деца“, истакнува таа, додавајќи дека со мајка ѝ заедно ја донеле одлуката за акцијата.



Слични Објави