Училиштата во Бугарија се подготвени за 15 септември, на одредени места реновирањата продолжуваат
Сите училишта во Бугарија ќе ја започнат новата учебна година со физичко присуство на учениците. „Нема да има училиште кое нема да започне со работа на 15 септември,“ увери министерот за образование на Бугарија Красимир В’лчев за време на состанок на ресорната парламентарна комисија, јавува БГНЕС.
Министерот посочи дека училиштата се подготвени за стартот на учебната година, иако на одредени места летните реновирања сѐ уште не се целосно завршени, што ќе создаде извесни неудобства за наставниците и учениците.
Според В’лчев, околу 1500 училишта и детски градинки биле опфатени со ремонтни активности, од кои 800 завршиле минатата недела.
На седницата беше разгледана и улогата на вештачката интелигенција (ВИ) во образованието, особено во работата со ученици со специјални образовни потреби.
Христина Георгиева од ГЕРБ-СДС истакна дека во многу држави ВИ веќе се користи за поддршка на наставниците. Таа додаде дека технологијата може да помогне во следењето на напредокот на овие деца и во поставување рамка за заштита на личните податоци.
В’лчев нагласи дека е факт оти вештачката интелигенција ќе ја зголемува продуктивноста во сите сфери, но предупреди и на времето кое децата го минуваат на социјалните мрежи: „Онлајн-средината е многу поатрактивна отколку образовната,“ рече министерот.
Пратеничката Елисавета Белобрадова од ПП-ДБ ја отвори темата за децата со специјални потреби, по што В’лчев истакна: „Пред десет години тие беа околу 15 илјади, а сега бројката достигнува 25 илјади. Директорите на училишта и градинки известуваат дека бројот на деца со специjaлни образовни потреби се зголемува. Преземам обврска да изработиме целосна проценка.“
Министерот пред пратениците подвлече и дека Министерството за образование планира зголемување на часовите по математика и природни науки со цел унапредување на образовните резултати.

