Мицкоски: Кандидатурите на Левица во Тетово, Гостивар и Струга се „гума за спасување“ за ДУИ
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во гостувањето во „Тема на денот“ на Дневникот на Сител ТВ изјави дека кандидатурите на Левица за градоначалници во Тетово, Гостивар и Струга се обид за дисипација на анти-ДУИ гласовите и „фрлање гума за спасување“ на Демократската унија за интеграција и нејзиниот лидер Али Ахмети.
„Ако тие навистина сакаат да победат, зошто не извадат кандидати во Велес или во Штип, од каде што потекнуваат највлијателните членови на нивното раководство? Зошто токму во Тетово, Гостивар и Струга, каде што немаат ниту теоретски шанси да победат? Нивната цел е јасна – да ги поделат анти-ДУИ гласовите, за ДУИ да може во првиот круг да исплива на површина,“ истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека оваа стратегија нема да успее бидејќи, како што рече, „граѓаните веќе ја препознаваат играта“.
„Нашата цел на овие избори е едноставна – развластеното ДУИ да биде поразено и засекогаш испратено надвор од политичката сцена во Македонија. Тоа е суштината на овие избори. Но, имаме една Левица која наместо да биде противник на ДУИ, му помага и му фрла гума за спасување,“ додаде премиерот.
