Беа потребни пет децении едно дело на бугарски уметник да стане дел од постојаната колекција на Ватиканските музеи
Сликата „Чиле“ („Во спомен на хероите“) на Иван Вукадинов првпат го привлече вниманието во 1973 година, кога била изложена во Италија. Тогаш папата Павле VI изразил желба да ја откупи и да ја изложи во Ватиканските музеи. Но тогашните власти во Бугарија одбиле, па делото останало државна сопственост. Тоа длабоко го разочарало Вукадинов, кој решил да не ги изложува и да не ги продава своите дела, пишува 24 часа.

По цели 50 години, во октомври 2022 година, „Во спомен на хероите“ конечно стана дел од специјална изложба во Ватикан, организирана по повод 50-годишнината од создавањето на колекцијата за модерна и современа уметност. Од повеќе од 9000 дела, избрани биле само 10, а изложбата беше отворена на 23 јуни 2023 година во Грегоријанскиот египетски музеј. Поради здравствени проблеми, самиот уметник не можеше да присуствува. Тој почина на 22 септември 2024 година.
Во негова чест, година подоцна, Софиската градска уметничка галерија организира голема ретроспективна изложба со наслов „Слика надвор од сликата“. Таа им овозможува на посетителите да се запознаат со творештвото на еден исклучителен уметник, чие дело со децении важеше за мистерија – тешко достапно и доживувано само од малкумина.
Во изложбата се вклучени над 130 дела, кои ја следат еволуцијата на Вукадинов: од академската живопис и импресионистичкиот пленеризам, преку неговите експерименти со енкаустика – техника со восочни бои и загреани инструменти – па сè до подоцнежните циклуси, во кои бојата доминира над формата и наративот.
Покрај изложбата е подготвен и двојазичен албум што го документира неговиот творечки пат, од студентските работи до доцните дела. Сликите се обезбедени од државни, општински и приватни колекции во соработка со семејството на уметникот.
Иван Вукадинов е роден на 19 март 1932 година во селото Ломница, Трнско. Во 1961 година дипломирал на Националната уметничка академија во Софија, специјалност „Живопис“ кај проф. Ненко Балкански. Настапувал на изложби во Франција, Велика Британија, Русија и Латвија, а имал и самостојна изложба во Софија во 1975 година, како и четири изложби во Рим, Арецо, Пиза и Гросето во текот на 1970-тите.
Неговата уметност се издвојува со уникатен стил и со темите што ги истражува: времето, материјата, бескрајот и вечноста. Делата му носат силна симболика и експресивност.
Ретроспективната изложба може да се посети во Софиската градска уметничка галерија до 23 ноември.

