Крајот на Орбан- унгарската опозиција ја разгроми ФИДЕС
Опозициската партија „Тиса“ на Петер Маѓар оствари убедлива победа на парламентарните избори во Унгарија, освојувајќи 138 од вкупно 199 пратенички места, што ѝ обезбедува двотретинско, уставно мнозинство, пишува БГНЕС. Владејачката коалиција ФИДЕС-КДНП на Виктор Орбан освои 54 мандати, додека „Ми Хазанк“ доби 7.
Премиерот Виктор Орбан го призна поразот, оценувајќи дека „резултатот од изборите е болен, но јасен“ и им ја честиташе победата на противниците.
Изборите се одржаа со рекордна излезност од 76,88%, највисока од 1990 година. „Тиса“ доминираше во едномандатните изборни единици, освојувајќи 95 од 106, како и во Будимпешта, каде кандидатите добија над 60% од гласовите.
Маѓар најави темелни промени во начинот на управување со државата: „Од 13 април Унгарија ќе биде демократска правна држава. Демократија – но не нелиберална, не ограничена, туку едноставно демократска правна држава.“
Тој истакна дека земјата ја очекуваат тешки години и повика на обединување, нагласувајќи дека победата значи почеток на „системска промена“, а не само смена на власта.
Со овој резултат, по 16 години доминација, ФИДЕС првпат губи избори, што се оценува како длабок политички пресврт во земјата.

