Салам: Либан го поддржува мирот со Израел, но има услови
Либанскиот премиер Наваф Салам денес изјави дека Либан го поддржува мирот со Израел, но, како што рече, има услови.
Тој изјави дека Либан во моментов е ангажиран во она што го опиша како прелиминарни разговори со Израел во Вашингтон, како подготовка за влегување во суштински преговори.
„Барањата на Либан се прекин на огнот, целосно повлекување на Израел од либанската територија и ослободување на либанските затвореници кои се во израелските затвори и кои беа притворени за време на борбите во Либан. Откако ќе се спроведат либанските барања, отворени сме за дискусија за условите за мир во пошироката арапска рамка, бидејќи ова има импликации за арапските држави“, рече Салам, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Салам потврди дека либанската милитантна група Хезболах, која е поддржана од Иран, се спротивставува на преговорите со Израел, но исто така потсети дека Либан влегол во преговори со Израел во 1983 година, кои се покажаа како неуспешни.
Хезболах почна да се бори против Израел на 2 март, неколку дена по почетокот на американско-израелската војна со Иран, што предизвика жестоки израелски воздушни напади и проширено копнено присуство на израелските одбранбени сили во Либан, јавува Танјуг.
Прекинот на огнот меѓу Либан и Израел, кој започна кон средината на април, сега е во голема мера прекршен.

