| |

Брисел-Време без широки насмевки

Владимир Перев 

1. 
Ете, се случи и тоа. Бугарија доби нова, мнозинска, политичка влада со која требаше да се разговара за односите меѓу двете држави и за нашиот напредок кон Европската Унија. Тоа и се случи, во неколкуминутниот разговор за време на појадокот меѓу Бугарската Министерка Велислава Петрова-Чамова и нашиот Тимчо Муцунски. Низ македонските медии провејуваат незадоволни гласови, како од времетраењето на средбата, така и од начинот на разговор меѓу двајцата министри…прашање е дали воопшто може да се употреби терминот “разговор“. Впрочем, ништо не беше како порано, од времето кога Захариева и Генчовска беа министри за надворешни работи, а Румен Радев претседател. И на тие средби македонската страна не беше задоволна ниту од резултатите, ниту од начинот на одржување (се сеќавате ли на знамињата), на средбите, но сепак преовладуваа љубезни, па дури може и да се каже срдечни тонови, проследени со широки насмевки. Тие насмевки предизвикаа кај македонското раководство уверување дека “нештата ќе се средат по наш (македонски) терк, треба само да мине време за некој да ја притисне Бугарија, или Радев да го испратат да пие кафе“. Таа работа не се случи. 

2. 
Овој пат беше поинаку. Велислава Петрова Чамова се претстави брилијантно, носејќи го, во моментот, целото бреме на бугарската дипломатија и претходните јалови обиди на бугарските (па и европските, американските) дипломати, да ги придвижат работите од мртва точка. Со рамномерен, малку метален глас и со леден поглед без никаква емпатија кон другата страна, без насмевки дури ниту како обична љубезност, ја кажа најголемата вистина: од Македонија се очекува политичка подготвеност за реализација на зацртаните позиции од Договорот за добрососедство и другите акти. Веднаш стана јасно дека не се оди на терминот реформи, толку омиленото зборче на македонските политичари за замајување на нашата и меѓународната јавност. Реформите се подразбираат! 

3. 
Додека бугарската министерка ја “дисциплинираше“ нашата дипломатија,  а европските политичари немо посматраа и молчеа, лидерите на партиите во Македонија се колнеа во “европскиот пат“ на државата како “единствено возможен“, притоа навредувајќи се меѓусебно со недостојни зборови и обвинувајќи се за секаков вид криминал-како политички, така и финансиски. Европа молчи и гледа, чекајќи кога македонските политичари ќе ги започнат меѓусебните физички насилни пресметки. Европа, за која ние толку лошо мислиме, сепак е институција и организација со своевиден морал (да, има свој морал!) и под честа ѝ е да се спушта на нивото на македонските политички насилници за да ги расчистува нивните валканици. 

4. 
Родоначалник на македонското политичко и криминално насилие е бегалецот, бившиот премиер Никола Груевски. Нештата почнаа од палењето на коли на противниците, за да кулуминира со аферата “шамари во Центар“, каде требаше да се покаже бескомпромисноста на неговото владеење. Денешниот нескопсан и некултивиран агресивен политички израз на Мицкоски е само елементарно наследство од неговиот претходник и ментор. Тоа е духот на Груевски и постепената “демакедонизација“ на нашето општество, потенцијалната и евидентна агресија кон инакумислечните и беспоговорната послушност кон лидерот. Тоа се вистинските карактеристики на посткомунистичкото ДПМНЕ, чуварот на болшевизмот и србоманството во Македонија. 

5. 
Затоа, било какви нови среби на ниво на министри или премиери ќе бидат само во функција на замајување на јавноста, продолжување на антибугарската хистерија во Северна Македонија и понатамошно стигматизирање на македонските бугари. Македонскот раководство единствено треба да биде предупредено за извршување на своите политички обврски и нивна имплементација во нашето законодавство. Дипломатијата треба да се насочи кон зловредното влијание на белградските националистички и експанзионистички структури, чија конечна цел (како и секогаш) било елиминирањето на Бугарија од балканската и европска политичка сцена…понекогаш дури и физичко, геноцидно елиминирање.

6.  
Македонските бугари ја знаат генезата на злото и корените на несогласувањата на линијата Бугарија – Северна Македонија. Изјавата на Велислава Петрова само ја подотвори вратата на перцепциите на нашата политичка депресија. Вниманието на бугарскта дипломатија треба да се насочи кон Белград и конкретно кон претседателот Вучиќ. Огромната српска пропагандна машинерија, преку порталите, радија и телевизии, а најмногу преку социјалните мрежи, ја меле и труе бугарската национална бит во Македонија и активно ги превоспитува младите генерации во духот на титиовизмот/југословенство, за конечно да се дефинира како антиалбанска и антибугарска доктрина во Северна Македонија. Така се променува и дебугаризира историјата на Македонија и на македонските бугари, давајќи им фалшиви сознанија за самите нив и попречувајќи го развитокот, не само на македонскиот народ, туку и на целокупното бугарско племе воопшто. 

Македонските бугари очекуваат продолжување на политиката за одбрана на нивните права…

Дојде “време без насмевки“!

Слични Објави