Бугарија со четири европски титули и осум медали во Варна, Стилијана Николова блесна со пет одличја
Бугарија го заврши 42. Европско првенство во ритмичка гимнастика во Варна со четири златни и четири сребрени медали, освојувајќи го првото место на табелата по освоени одличја, јавуваат бугарските медиуми.
Националните селекции во индивидуална конкуренција и женски ансамбл, како и јуниорската индивидуална репрезентација, донесоа вкупно осум медали за бугарската гимнастика.
Во првите два дена од шампионатот, јуниорките Деа Емилова, Сијана Алекова и Александра Петрова испишаа историја освојувајќи ја првата екипна европска титула за Бугарија. На поединечните финалиња, Сијана Алекова стана европска шампионка на обрач, додека Деа Емилова освои сребрен медал на чунови.
Најуспешна бугарска натпреварувачка беше Стилијана Николова, која освои пет медали – сребро во повеќебој, злато во екипна конкуренција, злато во финалето со чуни, како и сребрени одличја со топка и лента.
Николова, заедно со Ева Брезалиева и женската репрезентација, ја освоија екипната титула кај сениорките. Брезалиева се пласираше меѓу најдобрите 20 во повеќебој, а на финалињата беше шеста на лента, седма на обрач и осма со топка.
Женскиот ансамбл, сепак, не успеа да стигне до медал. Софија Иванова, Маргарита Василева, Магдалина Миневска, Емилија Обретенова, Раја Божилова и Магдалена В’лкова завршија шести во повеќебој и осми во финалето со пет топки.
Претседателката на Бугарската федерација за ритмичка гимнастика, Илијана Раева, даде висока оценка за настапот на репрезентацијата, но предупреди дека претстои уште многу работа.
На шампионатот во Варна настапија рекордни 43 држави и 362 гимнастичарки – 254 во женска индивидуална и ансамбл конкуренција и 108 кај јуниорките.
По успешниот настап, Стилијана Николова не ги сокри емоциите по освојувањето на златото со чунови и се расплака за време на интонирањето на химната.
„Тоа беше едноставно радост што не успеав да ја сокријам. Емоциите така излегоа од мене. Многу сум среќна, особено за чуновите“, изјави Николова.
И покрај петте освоени медали, европската вицешампионка во повеќебој смета дека може да прикаже уште повеќе.
„Сè е супер, но можам уште многу да покажам. Сигурно можам повеќе и ќе работам уште понапорно за на натпреварите да го покажам тоа на што сум способна“, рече таа.
Николова призна дека сè уште немала можност детално да ја анализира конкуренцијата пред претстојното Светско првенство.
„Дури до доделувањето на медалите не ги знаев точните резултати, така што допрва сè ќе се разгледува и анализира“, коментира бугарската гимнастичарка.
Таа упати благодарност и до публиката во Варна, која во текот на целото првенство им даваше силна поддршка на домашните натпреварувачки.
„Исклучително сум благодарна на сите што успеаја да дојдат и да нè поддржат. Атмосферата беше уникатна и беше навистина прекрасно да настапуваме на домашен терен. Голема благодарност до сите“, порача Николова.
Следното големо натпреварување за бугарската репрезентација ќе биде Светското првенство во ритмичка гимнастика во август во Франкфурт, Германија, каде ќе се доделуваат првите олимписки квоти за Игрите во Лос Анџелес 2028.

