| |

Гимназијалец од Бугарија освои прво место по математика на Regeneron ISEF

Никола Веселинов, ученик во 11. клас во Софиската математичка гимназија, освои историско прво место за Бугарија во категоријата математика на престижниот меѓународен натпревар за наука и инженерство Regeneron ISEF, што годинава се одржа во Финикс, Аризона. Тој ја доби и една од главните награди – „Млад научник“, јавува бугарскиот дневен весник 24 часа.

На натпреварот учествуваа околу 1700 ученици со повеќе од 700 проекти од над 50 држави. Проектот на Никола е на тема „Разрешливост на равенка во елементарни функции“, а со истражувачка работа во математиката се занимава веќе две години. Негов ментор е Мирослав Маринов, за кого вели дека силно го инспирирал.

Веселинов освои и парични награди: 6000 долари за првото место по математика, 75 илјади долари за наградата „Млад научник“, како и дополнителни признанија од Mu Alpha Theta и American Mathematical Society.

„За мене мотивацијата да учествувам не е наградата. Без подлабока причина да се занимаваш со тоа со кое настапуваш, очекувањето секогаш да победуваш едноставно те урива психички“, вели Никола.

Тој смета дека истражувачката работа развива креативно мислење и треба повеќе да се поттикнува во училиштата. „Задоволството што го добивам од научната работа е многу поголемо. Таа го развива умеењето човек сам да си поставува прашања“, додава тој.

Покрај математиката, Никола се занимава со фотографија со дрон и има интерес во сферата на нумизматиката и историјата. Летово ќе помине шест недели во Масачусетскиот институт за технологија во рамки на истражувачка програма, а планира да продолжи да студира математика, во Бугарија или во странство.



Слични Објави