Бугарскиот амбасадор во Србија Ангел Ангелов ја отвори изложбата „Баланс“ во Панчево
Бугарскиот амбасадор во Србија, Ангел Ангелов, заедно со сопругата Билјана Ангелова и Илка Енчева, преведувач во Амбасадата, присуствуваа на отворањето на изложбата „Баланс“ во Градската библиотека во Панчево на 3 јули, соопшти бугарското дипломатско претставништво, пренесува БТА.
Настанот беше организиран по покана на директорката на библиотеката, Снежана Манасиќ, а беа претставени дела на двајца бугарски ликовни уметници – Никола Руков и Румен Дешев.
Според Амбасадата, иако авторите создаваат во различни уметнички стилови, нивните дела се поврзани преку способноста да постигнат баланс меѓу формата, бојата и уметничката порака, што го инспирирало и насловот на изложбата.
Во своето обраќање, амбасадорот Ангелов го истакна значењето на културната размена меѓу Бугарија и Србија и улогата на уметноста како стабилна врска меѓу двете држави.
Изложбата „Баланс“ ќе биде отворена за жителите и посетителите на Панчево во текот на еден месец.

