(Видео) На денешен ден пред 80 години е родена големата бугарска пејачка на забавна музика Паша Христова
„Кога Паша пее, имаме чувство на стабилност. Тоа не е глас, туку инструмент што пее. И тоа топло, уметнички“, рекол композиторот Јосиф Цанков за бугарската пејачка Паша Христова, од чие раѓање денеска се навршуваат 80 години, пишува БТА.
Паша Христова е родена во 1946 година во Софија под името Парашкева Христова Стефанова. Првично работела како специјалист за техничко цртање во Институтот за електрокари, но желбата да стане пејачка ја одвела во новоформираното Студио за изведувачи на забавна музика при Бугарското национално радио. Таму учела во класата на композиторот Иван Стајков и дипломирала во 1965 година.
Првата песна, „Штркот повторно пристигна“, ја снимила во 1966 година. Во следните години изградила богат репертоар и станала позната по својот моќен глас, драматичната емоционалност и способноста да изведува различни музички стилови.
Во 1968 година освоила златен медал на фестивалот во Сочи со песната „Запри, време“, а истата година станала солистка на оркестарот „Софија“. За неа твореле истакнати бугарски композитори и поети, а меѓу нејзините најпознати песни се „Колку те сакам“, „Скриена љубов“, „Јантра“, „Повеј, ветре“, „Остани“ и „Една бугарска роза“.
„За разлика од повеќето свои колеги, Паша немаше мегаломански претензии. Имаше само една претензија – да пее!“, изјавил диригентот и композитор Димитар Симеонов.
Најуспешниот период во нејзината кариера бил во 1970 и 1971 година. На фестивалот „Златниот Орфеј“ во 1970 година песната „Една бугарска роза“ освоила прва награда, додека „Повеј, ветре“ ја добила големата награда и златната статуетка. Паша Христова освоила и награди на фестивалите во Брашов и Сопот.
На 21 декември 1971 година, на само 25-годишна возраст, Паша Христова загинала во авионска несреќа на аеродромот во Софија. Во авионот се наоѓале уметници кои патувале на Деновите на бугарската култура во Алжир. Во несреќата загинале 30 лица.
По нејзината смрт, песната „Бела песна“ била прогласена за „Мелодија на годината“, а во 1972 година Паша Христова постхумно ја добила титулата „Заслужен уметник“. Нејзината прва и единствена грамофонска плоча била објавена по нејзината смрт.
