Станишев – „Југославија и страдањата на малцинствата“
Извор: Библиотека Струмски
„Никаде во светот не може да се најде народ чии страдања би биле еднакви на оние што ги трпи бугарското македонско население во сегашна Југославија. Овој режим на насилства започна уште во 1912 година, по првото навлегување на Србите во Македонија, кога сакаа да му ја одземат националноста на тамошното население: тоа не се Бугари, тврдеа тие, туку Срби. Државната политика на денационализација започна со закани и тепања, со апсења и убиства, а овие крвави методи ги чинеа животите на безброј жртви. Но српските државници со текот на времето мораа да се уверат дека бугарското население во Македонија не само што се спротивставува на ова претопување, туку умее и да возврати против насилните средства на една таква политика. Во одредени случаи тоа возвраќање се изразува преку пасивен отпор, во други случаи – преку бегство надвор од границите на вековната татковина, а исто така и преку револуционерни дејства. Во Белград веруваа дека го решиле македонското прашање со договорите наметнати во Букурешт и Ној. Но ова прашање сега повторно се појавува со сета своја историска сила и историска закана. Принуден да избира помеѓу спогодба со бугарскиот народ во Македонија, од една страна, и неговото сурово истребување, од друга страна, Белград го избра второто…
…Македонците, кои херојски ја бранат својата национална совест по цена на нечуени жртви, Црногорците, кои со не помалку жртви ја продолжуваат својата борба за независност, и Хрватите, кои сакаат да ја извојуваат политичката слобода на својата земја, стојат на прво место меѓу овие народи-маченици на југословенското кралство.“
