Бугарите од селото Кортен во Молдавија собраа над 900 потписи против административно спојување со други населени места
Жителите на селото Кортен во Тараклискиот Регион во Молдавија собраа над 900 потписи против евентуалното административно спојување со други населени места, објави tuk.md, пренесува Радио Бугарија.
Според градоначалникот на селото, Степан Танурков, прашањето ќе биде разгледано на седница на локалниот совет на 31 јули. Претходно за него ќе расправа надлежната комисија.
Танурков изјави дека мнозинството жители што учествувале во локалното изјаснување го поддржуваат зачувувањето на Кортен како самостојна административно-територијална единица. Една од главните причини за нивната загриженост е зачувувањето на бугарскиот идентитет на селото.
„Во Кортен околу 85 отсто од жителите се Бугари. Луѓето сметаат дека, доколку станеме дел од поголема административна единица, уделот на бугарското население значително ќе се намали. Тие се загрижени за зачувувањето на бугарската култура, традиции и самобитност“, објасни Танурков.
Според него, властите уверуваат дека и при евентуално спојување жителите ќе продолжат во целост да ги добиваат досегашните административни услуги. За локалното население, сепак, главни прашања остануваат зачувувањето на националниот и културниот идентитет и останувањето на селото самостојна административно-територијална единица, пишува tuk.md.
