Една поинаква перспектива за Рамковниот договор по 25 години: “Штит” за Македонците од “рускиот свет” со меѓународна гаранција
Ивон Величковски
И гаранција за државотворноста на македонскиот народ кој има и обврска и сила да ја штити граѓанската и етничката рамноправност на сите – заедно со сите во нацијата на Северна Македонија.
“Рускиот свет” е проекција на Кремљ за себе како надмоќен и референтен еталон кон народите во своето опкружување (украинскиот, белорускиот, балтичките, кавкаските…). Во неа централно-европските и балканските (словенски) народи ги замислува како “тампон-зона” на западните граници – кои сака да ги идентификува со советските.
Овој империјален стил Русија го гради низ “извоз” на панславизмот (до 1917), комунизмот (до 1991) и на “рускиот свет”, од првиот премиерски ден на Путин до денес.
“Рецептот” е ист: дехуманизација на народите кои не ја прифаќаат таквата супремација како оправдување за анексија или агресија. Последен пример е Украина.
За цело тоа време РПЦ втемелена на етнофилитизам е во функција на руската државна власт, обидувајќи се да се наметне над Вселенската Патријаршија.
Во овој пристап на Кремљ, “српскиот свет” треба да го востоличи Белград во “Москва”, а СПЦ во крак на РПЦ на Балканот.
Украина под Путинова агресија денес во 1990-тите беа Словенија, Хрватска, БиХ и Косово под Милошевиќевата агресија.
За да останат во руската орбита (низ Белград) беше неопходно во НАТО (и ЕУ) да не влезат:
– Црна Гора, изолирана во СРЈ/СЦГ, и
– (Северна) Македонија, конфликтна со Албанците, Бугарите и Грците.
Ако Уставот 1991 не ги исклучеше уставните амандмани 1971 и Уставот 1974 што гарантираа јазични јазични права на немакедонските заедници и т.н. “бадентерово мнозинство” – Гостивар и Тетово 1997 немаше да се случат, а (Северна) Македонија ќе беше дел од “Агендата 2000” заедно со Словенија.
Затоа сведувањето на Рамковниот договор на мировен е целно залажување за да не се соочиме со грешките на југословенско Скопје пред и по 1991 и малигните влијанија на кои сме (биле) изложени.
Рамковниот е структурен договор за гарантирање на граѓанската и етничката рамноправност што ја засилува (унитарноста на) нацијата – субјект на интернационалните односи и право, низ организации и сојузи како ОН, НАТО до ЕУ.
Затоа е дел од Уставот и е гарантиран и од САД и ЕУ. И со тоа го гарантира западниот и европскиот идентитет на нацијата на Северна Македонија и на македонскиот народ и другите народи во неа.
