БКИЦ Скопје: Запознајте се со Радостин Седевчев од Бугарија учесник во 37-та Ликовна колонија „Галичник“
Радостин Седевчев е визуелен уметник од Софија, чија практика опфаќа инсталации и проекти создадени за конкретен простор, пишува Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје во социјалната мрежа Facebook.
Во своите дела ги истражува материјалните траги на сеќавањето, користејќи пронајдени фотографии, семејни албуми, архивски материјали и печатени медиуми од секојдневието. Неговите интервенции ги преиспитуваат начините на кои физичката трансформација на сликата и документот создава нови толкувања на личната и колективната историја, отворајќи простор за промислување на сеќавањето, времето и архивот.
Седевчев докторирал на Националната ликовна академија во Софија, а својата уметничка практика ја развивал и преку студиски престои во Обединетото Кралство и Германија.
Самостојно изложувал во Националната галерија и во Институтот за современа уметност – Софија. Во 2025 година бил избран за NYC Fellow на apexart и престојувал во Њујорк, стои во објавата на БКИЦ Скопје.

