| |

Бугарскиот писател Георги Господинов ја освои наградата „Жан Моне“ за европска литература

Бугарскиот писател Георги Господинов е добитник на 32. награда „Жан Моне“ за европска литература за романот „Градинарот и смртта“, во француски превод на Мари Врина-Николов. Признанието се однесува и на неговото целокупно творештво, објави француското издание „Актуалите“, пренесува Actualno.com.

Романот на француски јазик го објави издавачката куќа „Галимар“ во август 2025 година.

Господинов беше номиниран заедно со уште седум европски автори, а потоа влезе во потесниот избор за наградата заедно со ирскиот писател Џозеф О’Конор и Италијанецот Андреа Бајани.

Претседателот на жирито, Жерар де Кортанс, го опиша „Градинарот и смртта“ како „книга на светлината против црната дупка на смртта“.

„Жан Моне е еден од татковците на современа Европа, што исто така ме радува, особено денес и конкретно тука“, напиша Господинов на социјалните мрежи.

Меѓу претходните добитници на наградата тој ги посочи Антонио Табуки, Патрик Модијано, Анжел Вагенштајн, Јон Калман Стефансон, Ијан Мекјуан и Паскал Кињар. Господинов е новиот лауреат по Кињар, кој беше награден во 2025 година за „Tresor caché“.

Наградата „Жан Моне“ за европска литература е основана во 1995 година и се доделува секоја година на европски автор за дело напишано или преведено на француски јазик во претходната година.

Признанието е придружено со парична награда од 5.000 евра и го доделува департманот Шарант со поддршка на Cognac Monnet.

Официјалната церемонија на доделување ќе се одржи на 21 ноември во Коњак, во рамките на 39. Фестивал на европската литература. Господинов на 22 ноември ќе учествува и во разговор со францускиот писател Жером Ферари.

Во меѓувреме, полското издание на „Градинарот и смртта“, во превод на Магда Питлак, е меѓу седумте финалисти за Централноевропската книжевна награда „Ангелус“, која се доделува за најдобро прозно дело од регионот.

Господинов претходно соопшти дека пред седум години ја освоил истата награда со романот „Физика на тагата“.

Во годинешниот избор „Градинарот и смртта“ е наведено меѓу делата на автори кои веќе имаат меѓународна афирмација. Господинов, заедно со украинскиот писател Сергеј Жадан, е посочен како едно од најпрепознатливите имиња меѓу финалистите.

Добитникот на наградата „Ангелус“ ќе биде објавен на 17 октомври во Вроцлав.

Слични Објави