| |

„Софиски недели на музиката“ со пет концертни вечери од 7 до 11 септември

Есенското издание на 57. Меѓународен фестивал „Софиски недели на музиката“ продолжува од 7 до 11 септември со пет последователни концертни вечери во Софија, на кои ќе настапат млади бугарски музичари, афирмирани изведувачи и ансамбли, јавува Actualno.com.

Програмата опфаќа дела од различни музички епохи и стилови – од Моцарт, Шуберт и Шопен до Лигети, Пјацола, Филип Глас, како и композиции од бугарските автори Константин Илиев и Марин В’лчанов.

На 7 септември во 19 часот, во Камерната сала „Бугарија“, во рамките на фестивалската програма „Сцена на младиот музичар“, ќе настапи пијанистот Никола Богомилов. На неговиот рецитал ќе бидат изведени дела од Волфганг Амадеус Моцарт и Фредерик Шопен.

На 8 септември, исто така од 19 часот во Камерната сала „Бугарија“, пијано-дуото „Гевара – Железова“ ќе ја претстави концертната програма „ПУЛС“. На репертоарот се дела од Франсис Пуленк, Флоренс Прајс, Франц Шуберт, Либи Ларсен, Астор Пјацола, Антонио Кореа, Шери Клемент и Филип Глас.

Дувачкиот квинтет на Државната опера – Русе ќе настапи на 9 септември од 19 часот во Камерната сала „Бугарија“ со програмата „Bagatelle“. Концертот вклучува композиции од Ѓерѓ Лигети, Константин Илиев и Марин В’лчанов, со посебен акцент на бугарската музика.

На 10 септември од 19 часот во Воениот клуб ќе настапи Бугарскиот камерен оркестар – Добрич. Солист ќе биде пијанистката Надежда Цанова, а диригент е Димитар Косев. На програмата се дела од Антон Брукнер, Антон Веберн и Цезар Франк.

Петдневната концертна програма ќе заврши на 11 септември од 19 часот во Камерната сала „Бугарија“ со проектот „SPATIUM – Клавирниот свет на Милен Киров“, посветен на творештвото на пијанистот и композитор Милен Киров.

Со петте последователни вечери фестивалот ќе претстави различни форми на камерно музицирање – од солистички пијано-рецитал и пијано-дуо до дувачки квинтет и камерен оркестар.

Есенската програма е дел од 57. издание на Меѓународниот фестивал „Софиски недели на музиката“. Настанот се реализира со финансиска поддршка од Општина Софија, а соорганизатори се Министерството за култура и Софиската филхармонија.

Фестивалот е носител на ознаката за квалитет „Европа за фестивалите, фестивалите за Европа“ на Европската фестивалска асоцијација.

Билетите се продаваат на билетарницата на салата „Бугарија“ и преку системите Eventim и „Купи билети“. Предвидени се повластени услови за ученици, студенти и пензионери, како и бесплатен влез за ученици на одредени настани.



Слични Објави