Над 76.000 лица од Украина се под привремена заштита во Бугарија
Во Бугарија, заклучно со 31 јули 2026 година, под привремена заштита биле 76.385 лица кои ја напуштиле Украина поради војната, покажуваат податоците на Евростат, пренесува БГНЕС.
Во Европската Унија вкупно 4,43 милиони лица биле под привремена заштита, што е зголемување за 19.945 лица, односно 0,5 отсто, во споредба со крајот на јуни.
Најмногу корисници на привремена заштита има во Германија – 1.290.225, потоа во Полска – 953.060 и во Чешка – 395.225.
Во јули земјите од ЕУ донеле 45.015 нови одлуки за привремена заштита. Бугарија е меѓу земјите каде што нивниот број се намалил, со пад од 370 одлуки во однос на јуни – најголемо месечно намалување во Унијата.
Привремената заштита за лицата кои избегаа од Украина беше воведена со одлука на ЕУ од 4 март 2022 година, а нејзиното важење е продолжено до 4 март 2027 година.
