Петрова: Добрососедските односи се од фундаментално значење за Бугарија
Бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова изјави дека добрососедските односи се од фундаментално значење за Бугарија и дека почитувањето на преземените обврски, владеењето на правото и функционалните институции остануваат клучни услови во процесот на пристапување кон Европската Унија. Таа говореше на петтото издание на форумот „EU Meets the Balkans“, што се одржува во „Софија Тех Парк“,јавува БТА.
Петрова нагласи дека реформите и посветеноста на правилата, принципите и вредностите на ЕУ продолжуваат и по членството, посочувајќи го примерот на Бугарија, чија интеграција во ЕУ, Шенген и еврозоната се одвивала во различни фази.
Според неа, довербата во процесот на проширување зависи од почитувањето на владеењето на правото, функционалните институции, основните права и преземените обврски, вклучително и добрососедските односи.
„Ако бараме од кандидатите политичка зрелост, и ние треба да можеме да ги исполнуваме нашите ветувања“, изјави Петрова.
Таа оцени дека Црна Гора покажала силна политичка волја и посветеност на реформите, додека Албанија напредувала со брзо темпо во преговарачкиот процес.
Петрова истакна дека за земјите од Балканот се потребни стабилни партнерства, пристап до технологии, суровини и енергија, како и отпорни општества во услови на забрзани глобални промени.
„За Бугарија добрососедските односи се од фундаментално значење. Споровите што се решаваат преку дијалог, меѓусебно почитување и почитување на преземените обврски се клучна основа“, рече Петрова.
Според неа, силна Европа е најдобрата стратегија и гаранција за безбедност и за соседните држави, а придобивките од членството во ЕУ треба да бидат видливи и во секојдневниот живот на граѓаните.

