|

Бугарската пијанистка Евгенија Радославова со активна меѓународна кариера во Виена

Бугарската пијанистка Евгенија Радославова, која живее и работи во Виена, развива активна концертна, педагошка и организациска дејност и настапува на меѓународни сцени во Европа и надвор од неа, објави порталот „Sanus et Salvus“, пренесува БТА.

Радославова почнала да свири пијано на тригодишна возраст, а образованието го продолжила во Националната музичка академија „Проф. Панчо Владигеров“ во Софија и на Универзитетот за музика и сценски уметности во Виена.

Како солист и камерен музичар настапувала во повеќе европски земји, како и во Тунис и Израел. Во 2014 година формирала дуо со австрискиот саксофонист Михаел Крен, а од 2020 година е дел од ансамблот „Сапиаче“ со виолончелистот Матиас Гредлер.

Покрај концертната дејност, Радославова предава во музички институции во Австрија и учествува како член на жири и предавач на меѓународни натпревари и мастер-класови.

Во актуелната сезона се планирани нејзини настапи во Луксембург, Австрија, Мексико, Ел Салвадор и Костарика, како и подготовка на нов компакт-диск со ансамблот „Сапиаче“.

„За мене музиката е нешто без кое тешко би можела да си го замислам секојдневието. Таа ме тера постојано да се развивам, да барам нови нешта и, пред сè, да бидам своја“, изјави Радославова за „Sanus et Salvus“.

Слични Објави