Студенти од двата универзитета го одбележаа третото издание на „Добредојдовте во Благоевград“
Градоначалникот на Благоевград, Методи Бајкушев, претседателот на Американскиот универзитет во Бугарија, Џеј Ди Минингер, и заменик-ректорката на Југозападниот универзитет „Неофит Рилски“, доц. д-р Дијана Захариева, ги поздравија студентите на третото издание на иницијативата „Добредојдовте во Благоевград“, пишува Пиринско.
Настанот, организиран од Општина Благоевград во партнерство со двата универзитета, ги обедини студентите околу можности за професионален развој, култура, забава и заеднички иницијативи.
Во обраќањето Бајкушев ги повика младите да не се ограничуваат само на своите универзитети, туку да соработуваат на проекти, стартапи и волонтерски активности и да создаваат нови пријателства.
Во рамки на програмата се одржа и бизнис-саем на кој компании, организации и институции претставија можности за работа, практикантство и професионален развој.
Студентите учествуваа и во работилници за мода и фотографија, народни танци и други активности, а вечерната програма вклучи театар, современи и фолклорни танци, хорско пеење, модни колекции и музика во живо.
Мотото на иницијативата е „Добредојдовте во Благоевград – каде што иднината започнува денес!“.
Годинава Југозападниот универзитет „Неофит Рилски“ одбележува 50 години од основањето, а Американскиот универзитет во Бугарија – 35 години.

