| |

Два бугарски воени брода се вратија од мисија на Противминската поморска група во Црното Море

Бугарските воени бродови „Струма“ и „Капетан I ранг Димитар Добрев“ се вратија по учеството во 12. активација на Противминската поморска група во Црното Море. За време на двете активации под бугарска команда беа откриени и уништени два дрона, а екипажите учествуваа и во меѓународни вежби, јавува Армимедија.

Мултинационалната формација, во која учествуваат бродови од Бугарија, Турција и Романија, од јули е под команда на бугарските Военноморски сили.

„Успех за групата се и бројните предмети што беа откриени како последица на конфликтот меѓу Русија и Украина во морските води. Некои од нив беа уништени, а други, кои беа утврдени како безбедни, беа земени на бродовите. Тоа е дел од придонесот на групата за безбедноста на пловидбата. Морски мини не беа откриени, но за време на 11. активација беше откриен еден дрон, а за време на 12. активација уште еден дрон, кои беа уништени“, изјави капетан I ранг Петар Димитров, командант на тактичката формација.

Во активацијата учествуваа четири брода со повеќе од 200 припадници на воените сили.

Командантот на бугарските Военноморски сили, контраадмирал Кирил Михајлов, изјави дека од почетокот на војната во Украина биле уништени шест пловечки мини во бугарските морски простори.

„Само оваа година бројот на дронови што сме ги уништиле или отстраниле од различни реони, без разлика дали биле исфрлени на брегот или пронајдени во морските простори, е над 100. Некои од нив претставуваа опасност и беа уништени. Тоа се вкупно 35 од оние што досега сме ги пронашле, а други беа делови што немаа боева глава и беа безбедни, но претставуваа опасност за пловидбата и ги загрижуваа луѓето што работат на море, па и тие беа отстранети“, рече Михајлов.

Набљудувањето на бугарските морски простори се врши непрекинато со миноловци и патролни бродови, со поддршка од другите видови вооружени сили и сојузнички средства. На аеродромот во Варна во моментов е стациониран американски патролен авион P-8 Poseidon, кој извршува задачи за набљудување на морските простори.

Следната активација на Противминската поморска група ќе се одржи од 6 до 18 ноември. Бродовите ќе учествуваат во бугарско-романската противминска вежба „Посејдон“, по што групата ќе отплови кон Констанца.

Слични Објави