Народниот театар „Иван Вазов“ во Софија ќе биде домаќин на конференција со над 100 театарски професионалци од повеќе од 30 земји
Народниот театар „Иван Вазов“ во Софија е домаќин на меѓународната конференција на Европската театарска конвенција, која почнува денеска, 5 ноември, и ќе трае до 8 ноември, соопштија од театарот, пренесува БТА.
На конференцијата ќе учествуваат театарски директори, уметници и стручњаци.
Мотото на конференцијата е „Допирни точки: творечката слобода, вештачката интелигенција и иднината на театарската соработка“. Во средиштето на дискусиите ќе бидат некои од најважните прашања за современиот театар – заштитата на творечката независност, навлегувањето на вештачката интелигенција во сценските уметности и потребата од поблиска меѓународна соработка, посочуваат домаќините.
На есенската конференција на Европската театарска конвенција (ЕТК) во Софија ќе учествуваат над 100 директори на театри и фестивали, режисери, продуценти и други театарски професионалци од повеќе од 30 европски земји.
ЕТК е најголемата и најактивна театарска мрежа во Европа. Таа ги обединува водечките културни институции и ги поттикнува меѓународната соработка и заедничките продукции. Организацијата двапати годишно одржува меѓународни конференции во различни европски земји, а оваа есен домаќин е Народниот театар „Иван Вазов“.
„Бугарија првпат е домаќин на театарски настан од ваков ранг и чест ни е што во Народниот театар ќе ги пречекаме водечките претставници на европската театарска заедница. Темите за кои ќе разговараме се исклучително важни за иднината на театарот. Верувам дека уметноста не познава граници и токму затоа е потребно да соработуваме и да разменуваме идеи и искуства. Оваа конференција ни дава можност заедно да ги определиме проблемите со кои се соочува современата уметност и да најдеме решенија за нив“, изјави директорот на Народниот театар, Васил Василев, како што се наведува во соопштението.
„Во време на сè поголема политичка неизвесност, меѓународните театарски мрежи се поважни од кога било. Кога ги поврзуваме театрите преку националните и јазичните граници, можеме да одговориме на заедничките предизвици, да отвориме нови можности за соработка и да ја зајакнеме улогата на театарот како простор за дијалог и културна размена“, истакна Клаудија Белшиор, претседателка на Европската театарска конвенција.
Значајно место во програмата има иницијативата „Resistance Now: Together“, посветена на заштитата на уметничката слобода и на солидарноста меѓу европските културни организации. Учесниците ќе разговараат и за тоа како новите технологии можат да се користат во театарот, а човекот да остане во средиштето на творечкиот процес.
Покрај стручните дискусии, работните средби и творечките лаборатории, гостите од странство ќе имаат можност да погледнат и дел од репертоарот на Народниот театар. Во посебната театарска програма се вклучени претставите „Мала Англија“, „Физика на тагата“, „Делови од жена“, „Медеја“, „Таму“ и „Жената – конбини“. Преку нив учесниците ќе се запознаат со различни режисерски пристапи и со работата на бугарските театарски уметници.
