НЕМА ГО ВЕЌЕ ТОЈ ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ

//

Утрото само што зазоруваше, а ние спиевме како заклани од умор. По скалите се слушнаа забрзани чекори.

Полјакот Георги задишан и блед влезе во собата. -“Бај Чаков, ја свршивме ли работата ?” Станав и прашав: “Што има бе Георги ?” -” Отсекаде е оградено селото”, одговори. -” Делчев знае ли бре?” -“Да”-одговори, “знае”.

Станаа сите другари, се даде тревога и се приготвивме за бој.

Стоејќи на портата забележав од вратата на делот каде што беше сместен Делчев, како излегуваат две момчиња. “Што прават другарите ?”- ги прашав. “Кажаа да дојдете тука”- ми одговорија.

Скришум ја преминав улицата и влегов низ портата на Гоцевата соба.

Делчев стоеше до вратата, со пушката на рамо и ножот в рака. Незнаејќи дека ќе влезе некој, едновремено ми се нафрли, но забележувајќи ме, проговори: “Леле Чаков, што ќе направев. Но, добро е што дојде. Фати го левото крило на портата и кажи им на другарите да не доаѓаат, но да ме следат. Ако влезе аскерот тука, тие да откријат оган, ако влезе кај нив ќе откриеме ние.” Само што му го кажав тоа на Таската, забележав како аскерот влегува во соседната куќа.

Гледајќи го аскерот, се погледнавме со Гоце: “Ајде да излеземе на улицата”- кажа. Излеговме и тргнавме накај горниот крај на селото, следени од Таската со моите другари. Од погорната куќа излезе Гуштанов со четата, и сите заедно тргнавме по улицата.

Кога излегувавме од последните куќи на селото аскерот, кој беше сокриен зад камењата со кои се оградуваат нивите, ги насочи пушките кон нас.

Делчев, со кој што одевме рамо до рамо, ги забележа кревајќи ја пушката на нишан и прв изгрми по аскерот. Тогаш сите залегнавме на откриената полјанка, а Делчев кој стоеше исправен повторно ја намести пушката. “Гоце, легни !”- извикав.

Легна, но штом се сложи на земјата, еден куршум го пронижа. Ја спушти пушката и си легна врз неа. Една- две минути откако падна, се подигна на рацете, кревајќи ја главата накај куќата, каде беа скриени другарите. -” Ах, момчиња… ме ранија.”



Јас веднаш го повлеков за десната нога, “Гоце, Гоце ?”- извикав.

Одговор немаше.

…”Кога ќе го сретнеш Гоце на улицата, тој мило ќе те покани да му се придружиш. Ќе влезете заедно во меаната Македонија, ќе седне, ќе те покани да седнеш и ти. Ќе порача кафе, многу благо-синџирлија, две кафиња во еден филџан. Ќе те покани и ти да си порачаш. Ќе ги скрие манастирските бројаници и ќе извади цигара, ставајќи ја во цигарл’кот систем Кох, со името Кукуш нарезбано однадвор. Ќе те заприкаже прв, додека го гледаш и му се восхитуваш. Ќе те праша како си, со една блискост, сочувство, кое те тера са веруваш дека ја видел твојата душа, и страда еднакво со тебе. Ќе ја отвориш устата и ќе му кажеш работи, кои сам од себе си ги криел. Ќе те праша за блиските, како и тој да доживува се’ што сте доживеале. Смирено, неосетно пред него ќе си ја откриеш душата, чиниш правејќи ги твоите страдања и негови. Не ти се разделува од него…”

“Нема го веќе, тој Гоце Делчев
македонско знаме да ни развее.
Ама на народот, клетва му остави
да се борат, да се не предават.

Македонско име да не заборават.”

Автор: Александар Кавазов



Претходна статија

(ФОТО) МОЖЕВТЕ БАРЕМ ДА ГО ИСЧИСТИТЕ СПОМЕНИКОТ НА ГОЦЕ ПРЕД ДА СЕ ПОЈАВИТЕ ТАМУ СО ЦВЕЌИЊАТА

Следна статија

ВО РУСИЈА ЗАРАЗЕНИ ПОВЕЌЕ ОД 150 ИЛЈАДИ ЛУЃЕ

Најново од Истакнато