„ИСЦЕЛИТЕЛ“ ЌЕ БИДЕ ПРИКАЖАН НА ФИЛМСКИОТ ФЕСТИВАЛ ВО ШАНГАЈ

Македонскиот филм „Исцелител“ на режисерот Ѓорче Ставрески ќе биде прикажан на 21-то. издание на филмскиот фестивал во Шангај.

Филмот ќе има три прикажувања на фестивалот, вечер, во петок и во недела. Ова ќе биде трето прикажување на „Исцелител“ на фестивал од А категорија, покрај прикажувањата на „Црни ноќи“ во Талин, Естонија и на интернационалниот филмски фестивал во Гоа, Индија.

Оваа година на фестивалот во Шангај освен „Исцелител“ ќе се прикажува и уште еден македонски филм, „Година на мајмунот“ на режисерот Владимир Блажевски.

Фестивалот во Шангај е основан во 1993 година и е еден од најголемите филмски настани во Азија. Тој е единствен фестивал во Кина кој е дел од престижната А категорија на фестивали акредитирани од светската организација ФАПФ. Фестивалот е посветен на градење на меѓународна платформа за професионалци и запознавање на кинеската јавност со најновите филмски остварувања.

Главните улоги во „Исцелител“ ги толкуваат Благој Веселинов и Анастас Тановски, а останатите улоги Аксел Мехмет, Димe Илиев, Александар Микиќ, Мирослав Петковиќ, Симона Димковска и други. Автори на музиката се Бранислав Николов, Пеце Трајковски-Брада и Гоце Јованоски, директор на фотографија е Дејан Димески, монтажер Мартин Иванов, а сценарист, режисер и продуцент е Ѓорче Ставрески. Филмот е во продукција на Фрагмент филм од Скопје.

Слични Објави