Албумот „Stone Trail“ на бугарската композиторка Добринка Табакова беше претставен со меѓународна премиера во Њујорк
Меѓународната премиера на „Stone Trail“ — новиот албум со камерна музика на бугарската композиторка Добринка Табакова, се одржа во Генералниот конзулат на Бугарија во Њујорк. Ова го соопштија од дипломатското претставништво на својата страница на Фејсбук, пренесува БТА.
Албумот е издаден од британската дискографска куќа NMC Recordings. На музичката вечер учествуваа пијанистката Лора Чекоратова, виолинистот Георги Валчев и мецосопранистката Маријана Карпатова, кои изведоа дела од новото издание пред љубителите на класичната музика.
Настанот беше организиран во партнерство со фестивалот „Неизгазена патека“ (Off the Beaten Path: Chamber Music), чија дејност е насочена кон популаризација на бугарската камерна музика пред меѓународната публика.
Во своето поздравно обраќање до гостите, генералниот конзул на Бугарија во Њујорк, Ангел Ангелов, истакна дека конзулатот се етаблирал како дом на бугарската класична музика во градот, посочуваат од претставништвото.
Музичките настани во Генералниот конзулат ќе продолжат на 19 ноември со концертот „Inheritance“, дел од серијата „Бугарски концертни вечери во Њујорк“ (Bulgarian Concert Evenings in New York).
Во програмата ќе учествуваат пијанистката Лора Чекоратова и баритонот Рандал Скарлата (Randall Scarlata). Тие ќе изведат дела од Франц Шуберт, Јоханес Брамс, Валентин Силвестров и Чарлс Ајвс, како и дело од Аманда Харберг, кое ќе ја има својата светска премиера на концертот.
