КУРТО И МУРТО
Изминатиов период доминантен беше фамозниот „датум“ кој за „малку“ го пропуштивме. Тоа предизвика огромна бура во македонската јавност, а неизбежно беше и политичката сцена да се размрда, но наместо размрдување ние повторно ги одиме истите чекори, а тоа е еден напред три назад. СДСМ овај пат нема ни ДУИ да може да го спаси, а богами ни албанските гласови.
Неизбежна реалност е тоа дека ДПМНЕ како „хиени“ ќе се навртат на пленот и несомнено ќе побараат поддршка за да го однесат целиот плен. Колку ли е лицемерно однесувањето на СДСМ кои повторно бараат гласови, а не испорачаа ниту 10% од својата програма, но од другата страна исполнија многу работи кои не ни ги ветија, чинам имаше контра ставови и ги гледаа како забранет чекор и недозволиво дејствие, и затоа го направија и недозволеното.
Благодарение на СДСМ денес Македонија е „северна“ и двојазична, благодарение на тие што даваа заклетви јавно дека нема да помислат на таков чекор, а камоли да го реализираат. Што е најтрагично од сето тоа се оправдуваа со ЕУ, но и од таа страна добија жолт картон и нормално конечниот ги чека од македонскиот народ кој ќе им даде црвен и ќе ги исклучи од игра. Од другата страна ДПМНЕ почна да слави и да демонстрира сила и веќе се прогласи за победник, но во која војна и во која борба?
Зарем после 11 години пустошење ќе глумат новороденчиња? Зарем после 11 години ќе не убедуваат дека сакаат да ја обноват државата која најмногу поради нив е до овој степен. Зарем заборавија дека наголемиот непријател на правото и правдата беше токму ДПМНЕ?
Срамно и жалосно е дека после секоја лага имаат смелост да бараат гласови. Најчудно од се е тоа што глумат патриоти на батерии и по потреба или поточно пред избори, а после изборите си ја тераат каузата. Каде беше ДПМНЕ во овие три мачни години? Што направи истото тоа за да спречи нешто? Единственото нешто што сакаа да го спречат беше Никола Груевски и хунтата да одговараат, а цената за тоа ја платија невините луѓе кои наседнаа на патриотските повици од непатриотските претставници. Прифатија сѐ што СДСМ направи (прифатија бидејќи ништо не направија за да спречат) а сега по свадба тапани допрва ќе поништувале договори. И знамето од Кутлеш едно време ќе го враќаа…
И за крај Претседателот Пендаровски ги повика на тркалезната маса и си се договорија за избори и воедно ги закажаа. Експресно беше постигнат договор, но темата попис и темата изборен модел не се ни спомнаа. Каде е пописот кој со години се пролонгира? Каде е изборниот модел поточно Една изборна единица? Повторно за тие теми нема простор и не заслужуваат внимание од овие сестрински партии. П.С. Курто и Мурто!
После 28 години ветување правда и владеење на правото, нема ниту еден политичар од нивните редови кој бил донесен пред лицето на правдата. После 28 години не убедуваат дека ќе има добра инфраструктура, добро здравство и солидно образование, но реалноста е дека секоја од овие области е затруена од партиските профитери и војници. После 28 години имаме 150 000 административци, а сепак администрацијата е нефункционална. После 28 години имаме министерства кои не функционираат и министери без ресори. После 28 години имаме милјарди украдени, а одговорност од никој. Тоа е мозаикот кој го цртаат Курто и Мурто, а ако не се превземе ништо ќе продолжи ова црнило.
Автор: Даниел Јорданоски, претседател на ГДУ-Охрид
