Музејот во бугарскиот град Разлог организира работилници и конкурси во пресрет на божиќните и новогодишните празници
Историскиот музеј во Разлог во декември ќе организира низа настани посветени на претстојните божиќни и новогодишни празници. Од 1 до 16 декември деца од цела Бугарија ќе можат да учествуваат на конкурсот „Божиќна магија“ со изработка на традиционална сурвачка, честитка или пано, изјави за БТА директорката на музејот, д-р Христина Манова. Таа посочи дека конкурсот се одржува секоја година и предизвикува голем интерес.
Првата божиќна работилница ќе се одржи на 10 декември и е наменета првенствено за жените од Разлог. Учесничките ќе учат како се сучат кори за баница. За учество е потребно претходно пријавување, рече Манова.
На 21, 22 и 23 декември ќе се одржи работилница за изработка на божиќни украси, наменета за деца. Првиот ден во музејот во Разлог ќе гостуваат стручњаци од Регионалниот историски музеј во Благоевград. И за оваа работилница е потребно претходно пријавување, додаде Манова.
Во средината на декември во Разлог ќе биде отворена гостувачката изложба „Бакарџиството – древно и вечно“ на Регионалниот етнографски музеј во Пловдив. Изложбата ќе може да се разгледа до крајот на февруари.
