ДИМИТРОВСКА: ПРЕТХОДНАТА ВЛАСТ НЀ ДОНЕСЕ ДО РАБОТ НА ЕГИЗСТЕНЦИЈА
Законите од корпусот социјална заштита постојат, но дали се чини дека нивното постоење е само формално? Често велите дека оние кои треба да ги почитуваат, а мислите на државата, тоа не го прават доволно и соодветно?
Се согласувам. Законите се само формално правно на парче хартија, материјално правно, ништо од сето тоа и затоа можам слободно да кажам дека сме на маргините од самата маргина, луѓе во подредена положба, граѓани од втор ред…
Што во моментов е најболна тема за лицата со посебни потреби во земјава која се стреми кон европските вредности?
Не можеме да зборуваме за европски вредности ако менталитетот на надлежните ни е сѐ уште балкански. Конкретен пример, дури и при креирањето на Законот за социјална заштита, тогашната министерка Мила Царовска, не се одважи да ги ислуша проблемите на лицата со попреченост. Впрочем не треба да си којзнае каков аналитичар за да разбереш дека позади нејзината раскошна насмевка всушност се криеше маниулација со овие лица, но и ако подобро размислам, мислам дека можеби подобро ќе се снајдеше во актерските води. Едноставно, комуникацијата со Мила Царовска беше на многу ниско ниво, скоро и да не постоеше, но никогаш состојбата не беше толку критична и без слух за нашите проблеми.
Се залагате за проактивно учество на овие лица во креирањето на законите за социјална заштита. Какво е вашето искуство со надлежните во изминатава година во однос на ова прашање? Колку вие бевте вклучени во законите кои директно ве тангираат како поединци во општеството?
Воопшто, ниту една организација на лицата со попреченост не беше консултирана од тогашаната министерка за нашите горливи прашања. СО ЕДЕН ЗБОР БЕВМЕ ДИСКРИМИНИРАНИ. Знаете како е кога некој друг одлучува за вас, а имате луѓе со попреченост кои што имаат навистина огромни проблеми. Залудни беа нашите обиди и апели. Едноставно СЕ НЕМАШЕ СЛУХ. Дури на локално ниво, во општината од која што сум, Крива Паланка, со сегашниот градоначалник Борјанчо Мицевски немаме никаква комуникација. Преку ЕУ фондовите успеавме да обележиме паркинг простори, неколку месеци бевме опструирани од градоначалникот, за да сега колку пати и да помнам пред зградата на Општината, ги гледам возилата во сопственост на Општината да ги узурпираат тие паркинг простори. Некултурата не е инвалидитет!

И самиот комитет при ОН за правата на лицата со посебни потреби, укажува дека трошокот за партиципација за ортопедските и други помагала за мобилност ги прави недостапни за овие лица, односно нивната цена е премногу висока. Ова останува едно од најгорливите прашања? Каква е моменталната ситуација по ова прашање?
Замислете, додека светот напредува во иновациите и додека нашите пријатели од ЕУ земјите, користат навистина ортопедски помагала кои им го олеснуваат животот, ние тука сѐ уште користиме инвалидски колички кои се непрактични, тешки, не може да се манврира со таква количка во мал простор, широки и што е најлошо, ниту се произведуваат по мерка, што за корисникот е кобно. Бидејќи ако количката не е по мерка, по висина на повреда, длабина на седиште итн. се стекнува дополнителен деформитет како на р’бетниот столб така и на екстремитетите. Три години веќе бараме, се молиме со ФЗО да ни овозможи државата да користиме лесни колички, ултра лајт …Фондот секогаш одговара – НЕМА ПАРИ.
Пристапноста во однос на отстранување на физичките бариери на теренот треба да е загарантирана, но во пракса нудат споредни влезови, споредни канцеларии… Се чувствувате ли дискриминирани?
Да, за нив сме „СПОРЕДНИ ЛУГЕ“. Ве молам еве кажете ми, колку лица со инвалидски колички имате видено по улиците низ Скопје, Крива Паланка, Кратово… Тоа нели е индикатор дека нема пристапност, а тоа е основно човеково право. Ја немаме пристапноста до институциите кои најмногу нам ни требаат, па погледнете пример, Центарот за социјални работи во Крива Паланка, колку скали, воопшто и нема пристапна рампа…угоре високо- удоле длабоко!
Законот предвидува лични асистенти, но потребно е тие да бидат 24/7. Каква е праксата сега?
Јас користам личен асистент приближно две години. Да појаснам, членот 76 од постојниот Закон за социјалната заштита (Сл. весник на РМ бр.104/19) се менува во ставот 2 кој што гласи: „ Личната асистенција вклучува: помош и поддршка во вршење основни инструментални активности од секојдневниот живот, помош и поддршка на работното место, образовните институции, центрите за рехабилитација, помош и поддршка во зедницата и други активности од интерес на лицето, до 80 часа месечно“.
Сега со предложените измени и дополнувањата овој став се предлага да гласи ,,Во член 76 по ставот 2, се додава нов став 3, кој гласи личната асистенција може да опфати дополнителни 80 часа месечно за лице кое од резидицијално згрижување преминува во живеење во станбен објект или со поддршка, а заради поголема потреба од помош и поддршка за независно и самостојно живеење и вклучување во заедницата (овде се мисли по исклучок за корисниците кои што се деинституционализирани или живеат со поддршка, во Заводот за рехабилитација „Бања Банско“ кој што ќе изнесува 160 часа месечно).
Ова значи само ставање во подредена положба на лицата со попреченост. Не знам како ја вршеле проценката дека мене или некое друго лице кое не е со институционална поддршка нема потреба над 80 часа за разлика од лицата во Банско… Едните 80 часа, другите 160 часа. Нека не ме разберат погрешно пријателите од Банско, но бараме само еднаквост. Јас ако ги искористам тие 80 часа, треба дополнително сама да го плаќам мојот асистент ако имам потреба од негова помош. Зарем е тоа еднаквост? Зарем со 7.000 денари месечен додаток можам да доплатам услуга од асистентот? Благодарение на нивната хуманост па ни помагаат. Во развиените држави тие луѓе, асистентите ги уживаат сите права, многу ја ценат и почитуваат нивната хумана работа за разлика кај нас иако се невработени, немат ниту ден стаж или здравствено осигурување. Затоа и толку често ни се случува да ни откажуваат асистентите. Дали вие би работеле за 7800 денари ?!
Според вас спорен е членот 54 став 2 од предлог Законот за социјална заштита, кој гласи дека „Лице кое користи надоместок за попреченост, истовремено не може да користи надоместок за помош и нега од друго лице.“
Ова беше најголемиот проблем. Благодарение на опозицијата ВМРО- ДПМНЕ и Комисијата за труд и социјална политика, пратениците изнајдоа начин, ден, час за Јавна расправа по повод контраверзниот закон на Мила Царовска. Ако ги погледнете снимките, ќе можете да заклучите дека ниту една од инвалидските организации не го прифати овој закон, а најмалку овој член од законот. Со еден збор наиде на огромни критики, иако незамисливо е Закон за социјална заштита да оди со Европско знаменце. ..Тогашната министерка едноставно се поигра со човечки судбини, така да со одделни средби со секоја политичка партија објаснувајќи успеавме да излобираме барем овој став 2 од овој член да биде отстранет. Во поглед на барањата , за покачување на износот на месечниот надоместок , немааа слух- со еден збор, НЕ ДОТУРКАА ДО РАБОТ НА СИРОМАШТИЈАТА.

Пред неколку месеци се пожаливте дека директорите од центрите за социјална работа вршеле непосреден увид во домовите на корисниците заедно со вработени кои не се ниту надлежни, ниту пак работат на предмети. Со доаѓањето на техничката министерка за труд и социјала велите нивната работа ќе биде директно испитана и секоја откриена злоупотреба на функцијата во партиски цели ќе биде санкционирана, согласно законските одредби. Што очекувате дека ќе се реши во однос на овој случај?
Класична злоупотреба во изборни цели! Ни се обратија граѓани од повеќе градови кои забележале дека директорите на центрите за социјална работа, во придружба на нововработени лица, оствариле посети во домовите на корисниците на права и услуги од доменот на социјалната заштита, што се во надлежност на центрите за социјална работа. Ова е невообичаена практика на овој план, директорите од центрите за социјална работа да вршат непосреден увид во домовите на корисниците, заедно со вработени кои не се ниту надлежни, ниту пак работат на предмети на кои било дискутирано за време на средбите со корисниците. Ваквото нивно однесување отвара простор за силен сомнеж, пред сè кај корисниците на правата и услугите, зашто очигледно некој се обидел да ја потцени нивната интелигенција, манипулирајќи со прашањата кои се и повеќе од чувствителни за нив, и тоа во непосреден предизборен период! Оваа појава беше забележана масовно во периодот од 4.11.2019 година, речиси во сите општини, во кои директорите на центрите се кадри на СДСМ . Истовремено се обраќам и на техничкиот министер за труд и социјлна политика Рашела Мизрахи од редовите на најголемата опозициска партија, да ја испита директно нивната работа и секоја откриена злоупотреба на функцијата во партиски цели да биде санкционирана, согласно законските одредби.
Повторно избори и предизборни ветувања. Што реално може да се очекува од идната владејачка гарнитура, која и да биде, во однос на прашањето за квалитетот на живот на лицата со посебни потреби?
Јас сум член и активист на ВМРО- ДПМНЕ. Она што ме радува, а се надевам ќе биде поттик и на останатите политички партии, во своите редови при креирање на политиките за лицата со попреченост, да бидат вклучени и самите лица. ВМРО- ДПМНЕ како најголема опозициска партија, практично на голема врата веќе почна да ја внесува Конвенција за правата на лицата со попреченост на ОН и да ја практикува во своите редови ВКЛУЧУВАЈКИ ГИ ВО СВОИТЕ ВИСОКИ ПАРТИСКИ ТЕЛА И ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ, РАМНОПРАВНО ЧЕКОРИМЕ ЗАЕДНО. Имаме право на носење на заеднички одлуки. Лицата со попреченост се директни креатори на изборната програма што ќе ја понуди ВМРО- ДПМНЕ и горда сум на тоа!
Како се справувате со предрасудите во општеството? Од каде силата да се борите за подобро утре на оваа категорија на граѓани?
Ако нема борба, нема ни раст. Не е важно што ни се случило, важно е сите да чекориме заедно. Поминавме низ најлошото и тоа е зад нас. Доколку работиме заедно сите, знам дека можеме повеќе. Повеќе за сите граѓани на Република Македонија. Онолку колку што ќе одлучиме да бидеме сплотени сите, толку еден ден ќе бидеме благодарни за сѐ што сме поминале заедно.

