„Лошото“ друштво на Велко Скочивирски

//

Пишува: Маузер

Велко Цветков Велко – Скочивирчето… Кој би претпоставил дека еден така „непознат“ војвода, ќе предизвика толкави бранови. Но, тој не е крив, криви се бугарските „фашисти“. Криви се бидејќи некаде околу 1915-16 година за време на нивната „окупација“ му дигнале споменик нему и на неговите мртви четници на местото каде што се погребани во прилепското село Клепач. И нормално по „окупаторски“ обичај, напишале дека војводата и комитите умреле за „Свободата на Македонија и обедеинението на Б‘лгарија“. Токму на овие јунаци е посветен и еден стих од големиот бугарски поет и револуционер Христо Ботев.

Истиот тој споменик, според истрагата на македонското МНР, оваа година бил променет по иницијатива на еден роднина на Велко бидејќи тој наводно никогаш не се борел за обединението на Бугарија и не бил Бугарин, а и според некои селани од Клепач такви во нивното село немало.

Е сега малку приказнава на мене ми нема смисла. Прво, како тоа Бугарите би кревале таков споменик на свој непријател, ако Велко и неговите четници не се бореле за обединувањето на Бугарија, во услови кога во Македонија има чети и приврзаници на таа кауза?
Второ, како би дошол да ги најде загинатите некој од Софија, да ги знае имињата на загинатите и нивните родни места без тоа да го направи некој локален човек или човек на Организацијата?
Трето, уште повеќе ме мачи мислата, зошто чекаа до 2021 година да го сменат споменикот селаните на Клепач или роднините на загинатите? Па, тој споменик бил барем 105 години таму време во кое со Македонија владеели сили, кои повеќе од се би сакале ваквите споменици да се урнат. Барем тоа „Обединението на България“ да го тргнеле како што на многу места самите луѓе после ВСВ со длето ги тргале придавките бугарски, името Бугарин итн. Очигледно тоа на некого не му сметало доволно до оваа пролет.
И последно, како тоа некој си дозволил на луѓето да им додаде -ски на крајот на презимињата дури тргајќи го в од таму? Ако имале -ски во името ќе си стоела како што е случаjот со Димитар Берански од селото Беранци. Велко Велков историјата добро го запишала како се вика, а со оглед на тоа што останатите речиси сигурно билe припадници на Бугарската Егзархија и тие имале презимиња на -ов. Така што ова останува уште еден патетичен обид да се менува историјата и да се проектираат денешните погледи и идендитети на одамна починати луѓе.

Но нејсе, се тоа може да се само шпекулации и нагаѓања. Ајде да видиме што кажува историјата, таа запишана на хартија за идните поколенија. Велко Цветков Велков – Скочивирски бил роден на 5ти април 1877 година во селото Скочивир тогаш во Османската Империја. Според Зоран Костески во неговата „Мариово – Жива историја“ тој е роден од родители преселени од селото Чеган во Егејска Македонија. И двете села и Скочивир и Чеган се села под врховенство на Бугарската Егзархија. Според секретарот на Егзархијата, Димитар Мишев, во селото Скочивир имало 400 Бугари Егзархисти, а во селото Чеган околу 1200 Бугари Егзархисти и во селото функционирало бугарско училиште. Скочивир има дадено 2 македоно-одрински ополченци, а селото Чеган 7. И во двете села на прв поглед е забележано бугарско присуство, а тоа го потврдуваат и понатамошните податоци. Според познатиот бугарски свештеник од Костуско, Трпо Поповски по време на преродбата селото на родителите на Велко едвај дочекало да добие бугарски поп и учител. Така тој пишува за желбите на Чеганци – „како што сираците мечтаат да се јават пред нив некој ден нивните живи родители, така и чеганци со отворени очи очекуваат попче или даскалче да им говори на родниот бугарски јазик“. Селото пак Скочивир, поради својата приврзаност кон Бугарската црква и бугарштната било нападнато од страна на грчките андарти 2 пати во 1905 година каде што при втортиот напад биле грабнати 5 селани и убиени. Тоа го пишува познатиот македонски и бугарски историчар и револуционер Христо Силјанов.

Интересни факти, но ајде можеби како што вели македонската историографија тие немале избор и/или се приклониле кон најблиската дозволена алтернатива. Ајде тогаш да копаме малку подлабоко околу тоа како делувал Велко. Велко се знае дека бил дел од четата на Георги Сугарев. Сугарев, како и неговиот четник е уште една жртва на вандализам. Неговиот споменик дигнат од страна на бугарските власти во 1942 година, е миниран од „народната“ власт после војната и сега Георги има гроб на кој што пишува дека името му е Ѓорѓи Сугаре, битолски учител (се прашувам каков?) револуционер и војвода предаден од ни помалку ни повеќе врховистите!, вечниот шејтан на македонската историографија. Интересен споменик, полн со многу информации, само не во какво училиште бил тој учител и апсолутната невистина дека бил предаден од Врховисти. Ѓорѓи Сугарев, навистина е предаден од страна на домашен предавник, но Петар Лигушев не е припадник на Врховниот комитет, напротив тој е од ВМОРО и предавството се случува цела година после престанувањето на активностите на Врховниот комитет. Лигушев, достоен на своето име, е еден од најголемите предавници во македонската историја и поради лични конфликти ги кодоши четите и станува платен турски агент кој живее во Истанбул. Сугарев не бил многу силен на зборови, но знаеме дека бил еден од главните борци против српската пропаганда и чети во Азот, Порече и Кичевско и грчките во Мариово. Интересно е како не се борел против бугарските. Не само што не се борел против Бугарите, ами со кого да се бори против нив? Другарува и соработува со војводите Петар Радев, Петар Јуруков од Бугарија, го убива својот братучед кој ја издал четата на Парашкев Цветков од Бугарија, неговата чета во 1905та година е полна со четници од Сливен, Пирдоп и други места од Бугарија. Ако ни тоа не е доволен индикатор за каков бил првиот војвода на Велко со кого заедно се бореле против грчките чети во Мариово, можеби доволно ќе каже помалиот брат на Сугарев, Вангел Сугарев.
Ако е можно Георги да имал многу различни погледи во однос на националноста од неговите соборци, тешко дека имал такви со сопствениот брат. Имено, Вангел Сугарев бил историчар, дипломиран на Харвард и шеф на катедрата по историја на Техничкиот Универзитет во Тексас и тој Вангел Сугарев во 1919та година пишува дело кое се нарекува „The Bulgarian nationality of the Macedonians” (Бугарската националност на Македонците). Насловот на книгата кажува сè.

Ама ете, и ова да кажеме дека не е никаков доказ за идентитетот на Велко Скочивирчето. Не значи дека ако се борел со Сугарев дека бил и тој бугараш, а можеби и самиот Ѓорѓи имал одроден брат кој западнал под бугарската пропаганда. Во ред, ајде тогаш да погледнеме каква била самата организација во чиј редови се бореле Велко и неговите четници каква била.



Според Христо Матов, еден од главните идеолози на ВМОРО, Македонија етнографски е Западна Бугарија. „Во таа статија сакам да споделам со читателот неколку мисли за претензиите, коишто во најново време ги подигнаа Србите на онаа наша страна, која етнографски се нарекува Западна Бугарија, а археолошки е позната под името Македонија“ – Христо Матов, Српските претензии во Западна Бугарија 1897.
Сходно на тоа, ако Христо Матов е еден од идолозите на ВМОРО,а споделува такви ставови за населението на Македонија, логичен заклучок е дека една од целите на Организацијата е обединувањето на Бугарија. Како додатен доказ може да се покаже и писмото на Матов во кое се планира Илинденското востание: „ Да се распространи истовремено по цела Македонија или барем да ги опфати сите месности населени со Бугари (сеедно дали Егзархисти, Патријашисти или Србомани)“ побивајќи го ненамерно со една реченица целиот аргумент дека Бугарин значело само припадник на бугарската Егзархија. Матов подоцна во списанието „Вардар“ во 1911та година пишува колумна во 7 делови каде што ги набројува пропуштените прилика Бугарија воено да интервенира во Македонија и повикува на моментална интервенција.

Ајде Христо Матов можеби не е најсреќната личност со чиј дела би можеле да се консултираме. Во Македонската историографија тој е една од „контроверзните личности“ или директно обележан како предавник. Да видиме тогаш што др. Христо Татарчев има да каже по таа тема во своите спомени: „Нашето внатрешно чувство и мисла се движеа повеќе околу општобугарскиот идеал – присоединувањето на Македонија кон Бугарија, но требаше да ставиме воденичен камен на таа култивирана мечта низ толку години кај македонскиот и слободниот бугарски народ и да вршиме реална политика. Затоа го зедовме чл. 23 како појдовен на нашата дејност“ .
Понатаму тој вели: „Целта на оваа организација се дискутираше долго време и подоцна се фокусиравме на автономијата на Македонија со предност на бугарскиот елемент. Не можевме да го прифатиме ставот за „директно пристапување на Македонија кон Бугарија“, бидејќи видовме дека ќе се соочи со големи тешкотии поради противењето на Големите сили и аспирациите на соседните мали држави и Турција. Ни падна на памет дека автономна Македонија тогаш би можела полесно да се приклучи кон Бугарија, а во екстремен случај, доколку тоа не се постигне, може да послужи како обединувачка единица на федерација на балканските народи.“

Но повторно, до пред ерата на Груевски, Татарчев беше црна фигура и забранет лик. Ајде да видиме тогаш други дејци. Според Димо Хаџи Димов во „Назад кон автономијата“ идејата на ВМОРО за автономија е само бугарска и прифатена од Бугарите или директно да го цитирам:
„Оваа идеја, сепак, остана само бугарска идеја, додека конечно не исчезна како бугарска. Ниту Грците, ниту Турците, ниту која било друга националност во Македонија не го прифатија овој слоган. Згора на тоа, тие се изјаснија против неа, против автономната идеја. Затоа што автономната идеја кај Бугарите доби поширок бегство по формирањето на Внатрешната македонска револуционерна организација, која беше бугарска во составот и се појави како доволно одлучувачка организација и со силна борбена моќ и сила на отпор. Раководството на македонските Грци не можеше да се стави под знамето на таква организација, која во никој случај нема да стане инструмент на хеленизмот како национален идеал. Во Бугарија, грчкото кралство и неговите агенти во Македонија видоа посилен фактор и со поголем воен престиж, а тоа наложуваше негативен став кон внатрешното бугарско движење … Несомнено, бидејќи македонските Грци, најбројната националност по Бугарите, заземаа таква позиција кон автономната идеја, не може да сметате на успех.“
Значи и според еден од најголемите левичари во македонското револуционерно движење тоа било идеја на македонските Бугари и само кај нив фатила корен. Во превод, Велко бил борец и загинал во движење кое било само на Бугарите.

Ако можел и Димо да биде грешен, тогаш дали неофицијалниот весник на организацијата на Велко може да греши многу? Да видиме што пишувале во весникот „Право“:
„Поаѓајќи од оваа гледна точка и убедени дека мнозинството од христијанското население во Македонија се Бугари, отфрламе дури и најмало навестување за некаков „национален сепаратизам“. Меѓутоа, како Бугари, ова население сака да ја добие својата слобода, организирана политички во автономен регион, одделен од бугарското кнежество … Има една значајна и важна последица од оваа доктрина и тоа е: зачувување на бугарското племе во целина, неразделно и поврзано со неговата духовна култура, иако поделена политички.“
Значи повторно имаме потврда дека се работи за обединувањето на Бугарите и за Организација која е водена од Бугари.

Можам вака да терам цел ден и пак ништо да не завршам. Мислам дека и веќе претерав со цитатите и доказите за карактерот и сметам дека веќе на сите треба да им е јасна поентата за што се работи. Ако на Велко некој му ја наметнувал Егзархијата и не биле неговите села бугарски, тогаш зошто се борел со еден бранител на бугарштината од „лоша бугарска“ фамилија? Ако и тоа ништо не докажува, што барал воопшто во ВМОРО како небугарин кој не сака да има ништо со обединувањето на Бугарија? Јасно ми е дека ништо од ова не е сигурен доказ за етничкото и национално сознание на Скочивирчето и неговите четници, но постојат многу индикации што укажуваат кон едно, и покрај обидите на еден поп и еден „роднина“ да тврдат нешто друго. На крајот од краиштата можеме со сигурност да кажеме дека менувањето на плочата не е ништо друго освен патетичен обид да го пресликаат својот идентитет врз личностите од минатото.

Претходна статија

(Видео) Заев го нападна Радев-бугарскиот генерал не ги разбрал пораките на Макрон и Меркел

Следна статија

Симеонов: Каков компромис треба да направиме Делчев да стане Делчески ли?

Најново од Истакнато