| |

НЕГИРАЊЕТО НА ДРУГИОТ Е БАЛКАНСКА ТРАДИЦИЈА

Се појави еден документ на Советот на Европската унија во кој Бугарија има поставено неколку услови за Северна Македонија во ЕУ. Е сега дали условите се во врска со почетокот на преговорите, или за зачленувањето во ЕУ кое треба да се случи најоптимистички во 2025, остана нејасно.

Од сите тие услови, најтежок за Македонците е тој за јазикот, според кој, во ниеден документ на Европската унија не смее да се спомне македонски јазик а наместо тоа да напише „официјален јазик на Република Северна Македонија“. Без да навлезам во исправноста или неправедноста на овој услов од Бугарија (во бугарско-македонските идентитетски несогласувања мислам дека Албанците треба да стојат неутрални), ова ми служеше како прилика да напишам за еден феномен кој се среќава практично кај сите балкански народи: негирањето на идентитетот на другиот.

Балканскиот полуостров (кој реално не е полуостров) е вистински мозаик на вери и народи. Ситуацијата уште повеќе се компликува кога се знае дека често делови од овие народи се „исечени“ од остатокот од својот народ, од страна на друг народ, со што се креирани етнички енклави и ексклави. Никаде друго ова не се гледа појасно од Босна и Херцеговина, која и покрај геноцидот и етничките чистења, пак има многу етнички хетерогена територија. Таму во уставот има три конституивни народа: Бошњаците, Србите, и Хрватите, но реалноста на терен е дека трите го негираат декларираниот идентитет на другиот! Имено, Хрватите и Србите за Бошњаците велат дека се исламизирани Хрвати, односно исламизирани Срби. На ова Бошњаците одговараат дека токму босанските Хрвати и Срби се католички, односно православни Бошњаци кои паднале под асимилаторското влијание на Католичката и Српската православна црква. Како алтернативна теорија, Бошњаците заедно со Хрватите велат дека босанските Срби воопшто и не се Словени туку потомци на сточарите Власи кои во Босна ги има населено Османската империја, а потоа бидејќи оделе по српски цркви, на крај станале Срби.

Примери на негирање нечиј идентитет имало уште од времето на Југославија, во сите три нејзини манифестации (1918, 1929, 1945), но ние ќе се концентрираме само на третата, Титовата Југославија. На пример, гореспоменатите Бошњаци, Југославија не ги признала како такви туку како „Муслимани“, со што во една комунистичка држава како СФРЈ, често имало случаи некој да биде атеистички Муслиман! Други народи кои биле предмет на негаторство во зависност од републиката биле Бугарите и Албанците. Првите биле признаени како официјално малцинство во НР и СР Србија, но не и во НР и СР Македонија. А кога сме кај Албанците во Југославија, иако оние биле повеќе од Црногорците и Македонците, и на сличен број со Словенците и Муслиманите, Албанците ниту биле признаени како конституивен народ ниту имале своја република. Но ова не значи дека Албанците биле негирани како народ, тие сепак биле признаети како „народност“. Она што се случило со Албанците во Југославија е инсистирањето на многу српски и македонски кругови да се раскинат сите врски меѓу Албанците во Југославија со тие во Албанија, и во Југославија да се креира Шиптарскиот или Шифтарскиот народ. Во прилог на ова се развиле и расистички теории за дивите Шиптари во Југославија и културните, цивилизирани Албанци во Албанија, стереотипи кои имаат преживеано и ден-денес меѓу многу Срби и Македонци! Друго нешто што преживеало од поранешните времиња е и негирањето дека некогаш во Македонија имало и православни Албанци, кои после 1913 година скоро до последен човек се имаат одречено од нивната албанска самоидентификација (под присила и пропаганда, а после 1944 мотив им биле и државните привилегии). Нивната приказна се актуелизираше со јавното излагање на Бранко Манојловски и Бранислав Синадиновски кои ги признаа своите албански корени. Иако станува збор за едвај двајца луѓе (од илјадници кои веќе не сакаат ни да мислат дека се Албанци), ова секако не им се допадна на некои кругови па затоа излегоа со обвинувања за профитерство од страна на Манојловски и Синадиновски (што дури и да има нешто точно во ова, не мора да значи дека тоа што го велат е лага), или даваа некои апсурдни „објаснувања“ зошто православното население во Река некогаш дома зборувало албански, иако доволно е да се прочитаат десетици поезии на албанскиот преродбеник од Горна Река, Јосиф Багери, за да стане јасно дека станувало збор за чистокрвни етнички Албанци, по јазик и свест.

Од друга страна, и Албанците не се тотално невини од таа балканска навика на негирање на идентитетот на другиот (без прејудицирање на научната поткрепа или тотална безтемелоност на истата). На пример, Албанците генерално за Бошњаците во Санџак велат дека тие се всушност асимиларани Албанци. Слично мислат дека и Црногорците се всушност Албанци, или барем некои нивни племиња кои може да се најдат ем кај едната ем кај другата нација, како што е случајот со Хоти, Кучи, Пипери, и др. А кога станува збор за Македонците, од сите соседни им народи токму Албанците најмалку го негираат македонскиот етнички и национален идентитет. Единствено што им боди уши на Македонците а доаѓа од некои Албанци е користењето на терминот „Славомакедонци“. Нема еден и единствен одговор зошто некои Албанци го користат тој термин, некои дефинитивно тоа го користат со намера да навредат, но ситуацијата е малце покомплицирана. Имено, во еден онлајн форум сум читал интересен одговор од еден Албанец од Албанија. Според него, во Албанија терминот „Славомакедонци“ се користи за да се прави разлика помеѓу словенското население во Македонија и Албанците од Македонија за кои ден-денес во Албанија се користи регионалниот назив „Македонци“, слично на називот „Косовец“ за Албанците од Косово или „Чам“ за Албанците од Чамерија.

А сега да зборуваме за мотивите кои водат до такви чести примери на негирање на идентитот на другиот. Првиот мотив е чисто провокаторски. На пример, кога некои Грци, Албанците муслимани ги нарекуваат „Туркоалбанци“, тоа ниту им носи фајде на Грците ниту им прави материјална штета на Албанците, но кога некои Грци велат дека православните Албанци во Јужна Албанија всушност се Грци, тука не станува збор единствено за провокација туку и територијални претензии кон Албанија. А токму територијалните амбиции се втората причина која ќе ја набројам. Имено, преку негирање на идентитетот на другиот се става темел на територијалните претензии кон некоја земја. На Балканот најекстремен пример е Шешељовата Велика Србија која се раширила од Гевгелија па сѐ до фамозната линија Карловац-Карлобаг-Вировитица во Хрватска, делумно поддржана од неговата теорија „сите штокавци се Срби“. Третиот мотив е што преку негирање на нечиј друг идентитет или дел од неговиот прокламиран идентитет, се прават обиди да се чува дел од својот идентитет. Таков пример бил спорот за името меѓу Грција и (сега Северна) Македонија. За 2-3 милиони Грци, да се биде „Македонец“ е дел од нивниот силен регионален идентитет, а за Грција во целина, Македонија претставува моќен бренд кој може да им го продаваат на светот. Сличен пример е и српското спорење на босанскиот јазик. Иако народот се идентификува како Бошњаци и придавката им е „бошњачки“, оние сепак инсистираат својот јазик наместо „бошњачки“ да го нарекуваат „босански“. Но ова носи до уште еден судир на ставови меѓу Бошњаците и Србите, бидејќи за овие вторите, придавката „босански“ ги вклучува сите заедници во Босна, а постоењето на босански јазик за Србите би значело „јазична унитаризација“ на Босна и Херцеговина. Затоа, Србија не признава босански јазик туку бошњачки, а ентитетот Република Српска го признава како „јазикот на Бошњачкиот народ“.

А сега се поставува прашањето што да се прави против оваа балканска навика на негаторство на нечиј друг идентитет? Простиот одговор е ништо! Во спротивност би оделе против принципите на слободата на изразување и академската слобода. И тоа што за едната страна се гледа како негирање на идентитетот, за другата страна претставува ништо друго освен кажување на „вистината“. Проблемот е што вакви ставови не секогаш остануваат безвреден текст на некое интернетско ќоше, туку може да бидат нацрт за државни политики кои имаат конкретни реперкусии за животот на луѓето. Што да прават народите кои се жртви на ваков третман? Некои би препорачале репицроцитет, но каков реципроцитет можеш да тераш со некоја држава која ги држи едно од клучевите на Европската унија каде и ти упорно сакаш да влезеш? На пример, што би можело да направи една Албанија против силеџијата Грција ако стварно оние одлучат да барат од Албанија засекогаш да се откаже од болното прашање за Чамите, кое е срам за еден член на ЕУ како Грција? За вакви работи Европската унија треба директно да се меша како посредник и олеснувач во разни спорови наместо да стојат настрана, при што една од државите ги држи сите карти.

Автор: Риљинд Даути (авторот е дипломиран поликолог и магистрант по дипломатија)

Слични Објави