| |

ДРУЖЕ ВЕНКО МИ ТИ СЕ КУНЕМО

Морам да се навратам на вашите директни и политички предци затоа што се некако ме потсетува на нив и нивните методи на делување, на нивната „грижа“ за граѓаните и општествените добра. Не сум баш сигурен чии ставови застапувате и кои интереси ги браните, но јасно е дека како што во минатото се грижевте како потписник на студентскиот контрапленум за „доброто“ на студентите, за здравјето на граѓаните, за набавките на лекови, за „сигурните“ вакцини кои прво беа, па не беа со изминат рок, така и сега успешно се справивте со пандемијата која за среќа навреме ја прогласија за „умрена“ па можеме раат да спиеме.

Во изминатиот период бевте временски застапени нешто повеќе од турските серии, но сепак одговорите Ви беа или скромни или изверглани па заобиколени. Цело време го слушаме само она што сакате да го слушнеме и повторно може па не може, има па нема, па неквалитетни тестови, па тековни грешки и како и секогаш еден куп непознати виновници и повторно има па нема несогласувања. Сепак по теркот на „критичарите“ на КП (која беше платена функција) или можеби поради недостатокот на капацитет и падот на рејтингот на лидерот, оваа ситуација требаше да издигне нов лик кој ќе биде херојот и надеж за одржување на власта.

Почетокот беше ветувачки со неколку ФБ групи на илјадници поддржувачи, па се до јавни покани за кафе и понуди за брак, но сепак нешто недостига како и кај вашиот близок пријател кој во свое време беше докажан министер во повеќе ресори на еден поранешен мандатар и имаше амбиции да го замени „пастирот“. Не губете надеж можеби граѓаните ќе застанат во ваша одбрана наспроти оние кои не Ви ги прифатија препораките, оние кои не ги спроведуваа мерките, оние кои не ги почитуваа забраните… Можеби се ќе си продолжи по планот кога од другата страна имате збунет таканаречен лидер на опозиција кој не знае каде плука, а каде лиже. Всушност сѐ си е во ред кога веќе одамна Covid 19 е прогласен за умрен, па слободно може да се реализираат изборите, да се отворат границите пред се за да се провери имотот на Халкидики во каква состојба е, не мора да се прават тестови и онака беа по стотина дневно, а процентот веќе не е ни важен посекако бевме лидери во регионот. Државните субвенции ќе се исплатат на прецизно одредените фирми и ќе се заборават исто како Фондот за иновации, како заборавените судски случаи, како СЈО и нивните предмети и исплати за време на кризни мерки, како рекетот, како бројчаникот, како Будимпешта, како…

Но внимавајте наспроти вас имате еден лик кој баба му го научила на солидарност, па овој пат не бараше субвенции за своите компании од неговата Влада за да биде пример за обичните граѓани да одделат дел од своите „европски“ плати (може добро да се помине месецот и со пола од онаа ветена плата од петсто евра) и се разбира што поскоро ќе се исплатат субвенциите на газдите на поголемите компании, дури и на оние кои имаат и други државни субвенции… Греота се да одделуваат од нивните милионски профити. А доколку граѓаните се подарежливи ќе може и да се покрие дел од милионските суми кои се потрошија како што се зборува за интервентните увози кои беа во овој период…

И сѐ е подготвено за избори, повелете… Се разбира дека никој нема ништо против, само не го враќајте полицискиот час како што најави вашиот колега, па ако треба кажете и кој треба да се заокружи…

Автор: Благојче Трајковски, претседател на ГДУ-Битола



Слични Објави